Со последните контроли на возилата кои вршат јавен превоз во гостиварскиот регион откриени се 11 возила за кои сопствениците немале соодветни лиценци. Ним, СВР Тетово ќе им поднесе кривични пријави и се соочуваат со високи парични казни.

Од крајот на минатиот месец полицијата ги засили контролни активности во јавниот превоз на патници, со кои се опфатени меѓуградски и локални автобуси, комбиња и патнички такси возила. Во изминатите триесетина денови на гостиварското подрачје откриени и законски санкционирани се вкупно 11, за кои е утврдено дека вршеле јавен превоз без потребните лиценци.

– Во содејство со Отсекот за економски криминал, на сите им се изготвени соодветни кривични пријави според член 284 А од Кривичниот законик и ќе се соочат со предвидените парични и други санкции. Какви ќе бидат тоа зависи од околностите под кои е сторено делото и крајните последици, вели потпаролот на СВ Тетово Марјан Јосифоски.

Покрај ова, од средината на минатата недела се контролира и спроведување на владината одлука за 50-процентно користење на капацитетите во јавниот превоз. Три автобуски превозници што делуваат на гостиварското подрачје не ја почитувале оваа одлука. Ним, изготвени им се кривични пријави по член 206 од Кривичниот законик за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија”.

Јосифоски потенцира дека од денеска ваквите активности значително ќе се засилат и ќе следат соодветни поднесоци, секаде каде ќе бидат констатирани прекршувања на споменатата владина одлука.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/10/2020 20:00