Македонскиот банкарски систем е стабилен и укинувањето на дозволата на една мала банка не ја доведува во прашање стабилноста на системот. Банките и штедилниците продолжуваат да се грижат за клиентите – штедачите и кредитокорисниците и во услови на ковид-пандемија. Во периодот на зголемен број новозаразени лица, членките на Асоцијацијата апелираат што повеќе да се користат електронските канали за пристап до банкарските услуги и плаќањето со картички во малопродажната мрежа. На тој начин се намалуваат ризиците за ширење на пандемијата.

Ова е заклучокот на Македонската банкарска асоцијација која одржа состанок на кој се дискутираше за банкарскиот систем и улогата на Народната банка, а следејќи ги најновите настани и дискусии во јавноста.

Во соопштението наведуваат дека независна и професионална централна банка е еден од столбовите на стабилноста на банкарскиот сектор.

– Во изминатиот период сме сведоци на обиди за задирање во професионалниот пристап на работење на Народната банка. Со тоа се доведуваат во прашање и европските постулати и високите меѓународни стандарди на централнобанкарското работење, коишто се гаранција за макрофинансиската стабилност. Оттука, Македонската банкарска асоцијација во името на сите банки и штедилници во земјата, изразувајќи загриженост од ваквите појави, апелира до сите општествени чинители да не се дозволи да се доведува во прашање поставеноста и начинот на работа на централната банка, коишто во согласност со европските стандарди и регулатива се законски гарантирани, наведуваат од Македонската банкарска асоцијација.

Оценуваат дека важноста на независноста и професионалноста на Народната банка, постојано се нотирани од меѓународните финансиски институции, како и од Европската Унија. Истовремено, континуирано се високи и позитивни и нивните оцени за остварувањето на целите и задачите на Народната банка, како и за усогласеноста на севкупното нејзино работење со највисоките меѓународни стандарди и најдобрите меѓународни практики. Вклучително и во текот на актуелната ковид-криза, кога уште еднаш се потврди дека Народната банка, суштински е стожерот на финансиската и севкупната макрофинансиска стабилност.

-Благодарение на вложениот максимум од Народната банка, македонската економија досега успеа да одговори на бројни предизвици и да совлада повеќе епизоди на криза. Доколку Народната банка не го дадеше својот максимум, во изминатите децении, македонската економија можеше да се соочи со низа негативни и подолготрајни ефекти од случувања коишто ја засегаа и коишто креираа неизвесност кај економските субјекти. Без финансиската и макрофинансиската стабилност коишто со своето успешно, професионално и законито работење ги гарантира Народната банка, не може да се очекува ни просперитет на економијата, заклучуваат од МБА и додаваат дека не треба да се заборави дека независноста и професионалноста кои се клучни за успешното работење на централната банка се и важен предуслов за евроинтегративниот процес на земјата, имајќи ги предвид европските стандарди и принципи, како и европското законодавство, коешто во голем дел е транспонирано во македонската регулатива.

Порачуваат дека силната и независна централна банка е клучен столб за стабилност, раст и развој на секоја економија и претставува јавно добро од висок интерес за секое општеството.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/10/2020 16:01