Тетовската полиција вчера му го одзела возилото марка „мерцедес" на 28 годишен жител на градот поради сомнение дека има фалсификуван број на шасијата. Возилото со потврда му е одземено, а М.А. (28) е лишен од слобода.

– Одземеното возило поради сомнение за фалсификуван број на шасија е во рамки на засилените сообраќајни контроли кои изминатиов период се преземаат за да се утврди дали се спроведува владината одлука за 50-процентно користење на капацитетите во возилата за јавен превоз но и другите прекршувања во сообраќајот, потенцира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

На поширокото тетовско подрачје биле откриени и законски санкционирани четири возила без лиценца и едно возило кое ја прекршило владината одлука да има само 50 отсто пополнет капацитет со патници. На сопствениците на возилата им се изготвени соодветни кривични пријави и ќе се соочат со законски предвидените казни.

– Покрај ова, вчера, биле откриени и четири возила со истечена регистрација, шест непрописно паркирани возила, три лица кои ги управувале возилата без положен возачки испит и валидна дозвола за тоа и еден возач-почетник, кој не се придржувал на законските ограничувања за оваа категорија учесници во сообраќајот, вели Јосифоски.

Според податоците на СВР Тетово, во изминатите триесетина дена на тетовското подрачје санкционирани се шеесетина возила од јавниот превоз без потребните лиценци.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/10/2020 02:20