Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 35-годишен шпански државјанин со престојувалиште во Скопје, кај кого при рутинска контрола се пронајдени хероин и кокаин.

– Осомничениот, на 28 октомври, на улицата „Цветан Димов“ во Скопје, во внатрешниот лев џеб на јакната заради продажба неовластено држел едно полиетиленско пакување наркотична дрога – хероин во вкупна нето маса од 10,39 грама и две полиетиленски пакувања наркотична дрога – кокаин во вкупна нето маса од 0,70 грама. Дрогата била пронајдена и одземена при рутинска контрола и личен претрес на осомниченото лице, информираат од ОЈО.

Јавниот обвинител достави предлог за определување мерка притвор на осомничениот, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, како и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело.​

Против лицето постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/10/2020 20:48