За да се ублажат рестриктивните мерки, треба да стигнеме на ниво да можеме да живееме со вирусот, без голем притисок врз здравствениот систем, односно на нивото на септември кога имавме 200,300,400 дневни случаи, објасни портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас во интервјуто за телевизијата „Антена“ во однос на тоа дали карантинот во Грција ќе заврши на крајот на ноември или ќе се продолжи, јави дописничката на МИА од Атина.

-Основното прашање е кои се критериумите што ќе ни дозволат на крајот од месецот да кажеме: „Да, можеме да го ублажиме карантинот“. Критериумите секогаш се сложени, тука се новите случаи, ситуацијата на Одделенијата за интензивна нега, притисокот врз здравствениот систем. Постојат многу критериуми, но генерално, она што го видовме во изминатиот период е дека, септември беше периодот кога можевме да живееме со вирусот кога имавме 200, 300, 400 случаи без голем притисок врз здравствениот систем, истакна Пецас.

Во однос на одлуката за воведување целосен карантин, портпаролот на грчката Влада, објасни дека новите случаи од „едно мало разбранување се претворија во бран, а овој бран стана цунами за да го поплави националниот здравствен систем“.

-Од зголемениот број случај, во следните денови очекуваме да се исполнат 150 кревети на Одделенијата за интензивна нега, само од бранот од изминатите денови. Затоа не можевме да го ставиме во опасност здравствениот систем, истакна Пецас.

Во Грција вчера беше регистриран нов негативен рекорд, како во однос на новите случаи на – 2.917 новозаразени, така и во однос на бројот на починати (29 лица).

Од почетокот на епидемијата регистрирани се 49.807 случаи на Ковид-19, а починаа вкупно 702 лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2020 13:21