Обвинителен акт заработија тројца скопјани за производство и продажба на марихуана. Во куќа во Визбегово, двајца од обвинетите, дворот го прилагодиле за одгледување на канабис, а кај третиот е пронајдена марихуана, семки од канабис и хашиш. За тројцата е предложено продолжување на притворот поради можност за бегство и повторување на делото.

Од Јавното обвинителство соопштија дека едниот обвинет ги ставил на располагање дворот и просториите од семејната викенд-куќа во Визбегово. Заедно со вториот обвинет ги прилагодиле просториите за одгледување на растението канабис и засадиле стебла од ова растение. Вториот обвинет, при претрес на 24 септември, бил затекнат во дворот од куќата во момент кога ги кастрел цветовите од стеблата и ги мерел по тежина за натамошно пакување.

– На локацијата биле пронајдени 15 растенија канабис со поединечна висина од 19 до 80 сантиметри, девет свежо искршени гранки со лисја и врвни делови, 20 искршени и делумно соголени гранки со лисја и вршунки канабис, како и дигитална вага, соопштија од ЈО.

Во домот на третиот обвинет, пак, на улица „Христо Смирненски“ биле пронајдени и одземени 99,72 грама наркотична дрога – марихуана, 33 семки од растение од растителниот род канабис, како и 2,8 милилитри хашиш смола во два шприца.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2020 15:13