Во првите два работни денови од вториот карантин, за 35 отсто е зголемен сообраќајот во Атина во споредба со првиот карантин, според информациите во грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Улиците во центарот на градот, особено во раните утрински часови, не наликуваат на карантин, бидејќи на одредени булевари очигледен е зголемениот сообраќај на возила.

Според „Катимерини“, за време на проверките направени од грчката полиција во текот на вчерашниот ден, 70 отсто од возачите имале потврда од работодавачот, односно дека и покрај карантинот, одат на работа, додека пак останатите 30 отсто биле со испратена смс порака дека одат да му пружат помош на лице на кое му е потребна.

Министерот за дигитална политика Кирјакос Пиеракакис во интервју за грчката телевизија „Скај“ рече дека за време на викендот граѓаните испратиле 8,6 милиони смс пораки за да искористат една од шесте причини за излегување од дома.

-Бројот е малку поголем во однос на првиот локдаун. Тогаш имавме 110 милиони пораки за 42 дена, во просек 2,6 милиони пораки дневно, рече Пиеракакис, објаснувајќи дека сега, за разлика од првиот карантин пораки испраќаат и родителите кога ги носат или земаат нивните деца од училиштата или градинките.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/11/2020 16:02