Експертот од албанското јавно здравство, Ерион Дашо, кој деновиве предупреди на целосен колапс на здравствениот систем, доколку не се превземат построги мерки, утрово на Фејсбук изрази сомневање за нетранспаретност околу состојбите во трите ковид болници.

Тој наведе дека „нешто не е во ред со бројките на хоспитализирани пациенти, оние на реанимација и смртни случаи“.

– 367 хоспитализирани со Ковид-19, 15 на реанимација,а од нив тројца интубирани, осум смртни случаи (пет на возраст од 65 години и под)! Нешто не е во ред! Не можете да имате хоспитализирани 15 пациенти на реанимација и да пријавите осум смртни случаи како вчера или 12 смртни случаи како завчера, наведе Дашо.

Тој додаде дека светското искуство покажува дека околу 20 отсто од заболените од Ковид-19 примени во болница имаат потреба од интензивна нега.

– Во Албанија, овој број на пациенти требаше да биде околу 75, а не 15! На граѓаните не им требаат филмови со празни кревети. Очекуваат транспарентност! Дали Министерството гарантира доволен број кревети за интензивна нега?, посочи Дашо.

Неговата ракција се однесува и на тврдењето на Министерството дека има 500 легла во трите ковид болници, како и на објавената видео снимка од третата ковид болница од страна на премиерот Еди Рама на која се гледаат празни кревети.

Спротивно на тврдењата на надлежните, лекарите тврдат дека болничките капацитети се помалку по број и истите се целосно пополнети па се продолжува на заразени во тешка состојба помош да им се пружа во амбулантни возила пред болниците.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/11/2020 13:53