Основното јавно обвинителство Скопје денеска до надлежниот Суд поднесе обвинителен предлог против 21-годишен скопјанец за сторени четири кривични дела „тешка кражба“ од член 236 став 1 точка 1, како и едно кривично дело „кражба“ според член 235 став 1 од Кривичниот законик.

Како што соопшти Обвинителството, обвинетиот на 17 октомври, насилно провалил во просториите на невладина организација на улица „Вашингтонска“, од каде одзел 28 таблети, еден лаптоп компјутер, една панелка за греење, две греалки, електричен бокал и три пакети со прехранбени производи, во вкупна вредност од 232.200 денари.

– Во временскиот период меѓу 20 и 22 октомври, насилно отворајќи го прозорецот од бањата, провалил во куќата на еден оштетен на улица „Црноок“ и одзел четири теписи, 15 литри зејтин и еден фен за коса, во вкупна вредност од 27.400 денари, информира ЈО.

На 28 октомври, на сличен начин, обвинетиот влегол во куќа на улица „Вашингтонска“ од каде одзел телевизор вреден 15.000 денари. На 30 октомври од друга куќа на истата улица одзел таблет – смарт пад, вреден 6.000 денари и избегал.

Јавното обвинителство соопшти дека обвинетиот на 3 ноември, го искористил невниманието на еден оштетен кој бил во фризерски салон на улицата „Индира Ганди“, па од дворот на фризерницата му го украл електричниот тротинет вреден 30.000 денари.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице, бидејќи постои опасност да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон. ​​



Автор: Администратор
Објавено на: 12/11/2020 15:25