По добиени сознанија дека И.Н. од Прилеп, заедно со уште едно лице договориле продажба на златни монети на лице во Кочани, околу 11 часот вчера на регионалниот пат, на влез на Кочани, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност во координација со СВР Штип во возило „фолксваген“ пронашле 16 златни монети, а привеле две лица.
Од МВР денеска информираа дека полицијата го запрела „фолксвагенот“, управуван од И.Н., а сопатник бил Ш.С. од Кавадарци.
– При преглед на возилото, пронајдени се 16 златни монети . Поради постоење на основи на сомнение за кривично дело Прикривање по член 261 став 3 во врска со точка 1 од Кривичниот Законик на Република Северна Македонија лицата се лишени од слобода и задржани во полициска станица Кочани. Известен е јавен обвинител од кого се добиени насоки лицата да се задржат за понатамошна постапка, соопштија од МВР.
Во текот на вчерашниот ден извршен е претрес на дом и други простории кај три лица Е.П (43) од Кавадарци, Ш.С(41) од Кавадарци и И.Н (46)од Прилеп. Во тек се, информираат од МВР, претреси на уште две локации во Скопје и Кочани.
Во врска со овој кривично правен настан МВР соработува и разменува дополнителни информации со Интерпол и Европол.