Светски ден на сеќавање на жртвите од сообраќајните несреќи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) ги потсетува учесниците во сообраќајот дека тие не се случајни, туку се предизвикани од невнимателно и неодговорно учество во сообраќајот.
– Тие се сериозен проблем на сите современи општества. Трогателните слики со смрт и крв кои секојдневно се случуваат на патиштата низ светот, се тешки и мачни за гледање, но уште потешко е директно да се сочите со нив и со нивните последици. Секој загубен човечки живот носи тага, болка, празнина и тежина на душата за членовите на семејството, роднините и пријателите на починатото лице. Загубените животи во сообраќајни незгоди носат дополнителна болка, дополнителна тага и тежина затоа што загубите и повредите во сообраќајот се неочекувани, насилни, трауматски, трагични настани, наведува РСБСП, додавајќи дека притоа треба да се има предвид фактот дека голем дел од жртвите и повредените лица во сообраќајките се деца и млади.
Сообраќајните несреќи се причина за голем број загубени човечки животи, голем број загинати лица и уште поголем број повредени со трајни телесни повреди, уништени семејства и огромни материјални загуби.
Според Светската здравствена организациа, во светот годишно 1,3 милиони луѓе го губат животот во сообраќајни несреќи, а од 20 до 50 милиони лица се повредени. Тоа значи дека над 3500 лица умираат дневно како последица од сообраќајни несреќи односно загуба на еден живот на секои 24 секунди.
Според статистиката, во 2019 година во нашата земја 132 лица го загубиле животот во сообраќајни несреќи, а 5164 лица биле повредени.
– Да кажеме стоп за смртта на патишта, Сега и веднаш. Време е секој да сфати дека сообраќајните незгоди на избираат време, место и личности. Сите сме потенцијални жртви. Да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи. Покажи грижа! Разбуди ја свеста. Вози совесно и одговорно. Целта на Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди е да се потсетиме на оние кои го загубија животот во сообраќајни незгоди во минатото, да им оддадеме почит на загинатите, да дадеме поддршка на тие кои настрадале и да извлечеме поука за сериозноста на последиците од сообраќајните незгоди, апелира РСБСП.