Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица од Куманово на возраст од 59 и 52 години поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

– Откако првоосомничениот му помогнал на второосомничениот да отвори транспортна фирма и да започне со работа како превозник, по идеја на првоосомничениот се договориле да преземат канцелариски материјал од фирма во Приштина. Второсомничениот заминал со товарното возило во Приштина, каде го оставил возилото за да се натовари потребниот материјал, а тој се сретнал со првоосомничениот. По кратко време првоосомничениот отишол да види до каде е утоварот, па откако бил завршен, второсомничениот со товарното возило се вратил во Република Северна Македонија, додека првоосомничениот се вратил со такси-возило. По завршувањето на шпедициските формалности, првоосомничениот го известил второосомничениот дека со натоварената стока треба да замине во Република Грција, по што второосомничениот така постапил, соопшти Јавното обвинителство.

Меѓутоа, посочуваат од ЈОРСМ, на 09 ноември 2020 година, движејќи се по патот Велес-Скопје кај местото Ветерско, второосомничениот изгубил контрола над товарното возило и излетал од патот при што се здобил со телесни повреди. При преглед на товарното возило, овластени полициски службеници пронашле две пакувања во вкупна количина од 2008 грама наркотична дрога – марихуана која второосомничениот неовластено заради продажба ја пренесувал, а во што со умисла му помогнал првоосомничениот.

Со оглед на видот и тежината на стореното кривично дело и можноста истото да биде повторено, јавниот обвинител кој постапува во предметот до Основниот суд Велес доставил предлог за определување на мерката притвор за двајцата осомничени.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2020 21:59