Почина Дионис Пашлаков, познатиот колекционер на стари автомобили од Неготино, оваа вест за МИА ја потврди неговата сопруга Грозданка.
- Два месеца се бореше со леукемија. На 10 декември требаше да наполни 72 години. Целиот живот неуморно работеше на својот сон, Неготино да добие музеј на стари автомобили. Ги имаше над сто и тие беа неговата пасија сите овие години. Неговите синови изминативе два месеца ја исполнија неговата желба да го отворат и вториот дел од музејската поставка, а останува само уште да го заокружат целиот тој проект и да го исполнат неговиот аманет, рече сопругата.
Пашлаков беше пензиониран професор, за него и неговото хоби беше објавен филм, а последната генерација ученици на која и беше класен пред да се пензионира, во пензија го испрати подарувајќи му стар автомобил ,,буба”.
За МИА знаеше да каже низ годините дека некои го мислат дека е будала што си го троши времето на старо железо, но тие не ја знаат вистинската вредност на старите автомобили и тајните за животот кои тие ги чуваат.