Во деветте месеци од годината на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово намален е бројот на прекршоците од областа на јавниот ред и мир за четири проценти во споредба со лани, покажуваат податоци на службата за аналитика.
Според анализата во текот на периодот од јануари до септември 2020 година имало 221 случај на такви прекршоци, во кои биле инволвирани 315 луѓе.
-Најголемиот број од прекршоците се целосно расчистени и заокружени со 230 барања за поведување на прекршочна постапка. Најмногу од регистрираните нарушувања биле во град и во нив биле инволвирани машки лица, меѓу кои и малолетници, додека другите претежно биле на возраст над 25 години, вели Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Најбројни во овој период биле физичките напади, тепачки, карање, викање и непристојно однесување, навредување и омаловажување на овластено службено лице и така натаму. Инаку, најчести места на случување на ваквиот вид прекршоци се улицата и угостителските објекти.