Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на општина Зелениково и уште шест лица за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „поттикнување“.

Кривичната пријава е поднесена против В.Г. градоначалник на Општина Зелениково во период 2013-2017 година, И.Н. управител на Друштво за завршни и занаетчиски работи во градежништвото ИЗОЛАЦИЈА Дамјан Силјановски и др. ДОО увоз-извоз Скопје, С.Т. инженер за изведба, Б.Ј.Ј. надзорен орган, С.С.Б. претседател на комисијата за јавната набавка, Д.Ѓ. член на комисија за јавна набавка и К.С. член на комисија за јавна набавка.

Како што информираат од Управата, првопријавениот В.Г. во соизвршителство со третопријавениот С.Т. во својство на инжинер за изведба и четвртопријавената Б.Ј.Ј. во својство на надзорен инженер поттикнати од И.Н. во својство на управител на Друштво за завршни и занаетчиски работи во градежништвото ИЗОЛАЦИЈА Дамјан Силјановски и др. ДОО увоз-извоз Скопје, во текот на 2017 година ја злоупотребиле службената положба и овластување на начини што првопријавениот потпишал и исплатил средства во износ од 2.198.109,00 денари од буџетот на Општината на сметката на пријавеното Друштво за завршни и занаетчиски работи во градежништвото ИЗОЛАЦИЈА Дамјан Силјановски и др. ДОО увоз-извоз Скопје за наводно извршени работи за крпење на дупки опишани во времена ситуација, градежен дневник и градежна книга заверени со потпис и печат од страна на трето и четврто пријавените, иако наведените работи не биле во целост извршени ни по квалитет ни по квантитет и на тој начин предзивикале штета на Општината Зелениково во износ од 903.190,28 денари.

Петтопријавената С.С.Б., во својство на претседател на комисијата за јавната набавка, шестопријавена Д.Ѓ. во својство на член на комисијата за јавната набавка и седмопријавената К.С. во својство на член на комисијата за јавната набавка, во текот на 2017 година, поттикнати од второпријавениот И.Н., ја злоупотебиле својата службена положба и овластувања на начин што свесно и со однапред утврдена намера во постапката за јавна набавка на градежни работи, предвиделе ограничувачки и дискриминаторски критериуми, не побарале задолжителна согласност од Советот за јавните набавки, извршиле незаконска евалуација на понудите и спротивно на законските прописи понудата поднесена од страна пријавениото Друштво за завршни и занаетчиски работи во градежништвото ИЗОЛАЦИЈА Дамјан Силјановски и др. ДОО увоз-извоз Скопје ја избрале за најповолна понуда, при тоа овозможувајќи му на пријавениот правен субјект да се стекне со противправна корист од 2.536.943,00 денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/11/2020 23:44