Од утре до 26 ноември ќе се одржи четвртиот бизнис-настан „Macedonian Manufacturing Expo 2020 – The Virtual Edition“, наменет за лесно преработувачката индустрија (преработка на метал, гума, пластика, електро-електронска индустрија) во земјава.

Асоцијацијата на метална и електроиндустрија МАМЕИ, која настанот го организира со Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, соопшти дека целта е на едно местo да се поврзат македонските компании од наведените индустрии со купувачи од Европската Унија, како и со странските директни инвеститори за да се оствари бизнис-соработка со домашни компании.

Поради КОВИД-19 пандемијата, оваа година настанот ќе се одржува онлајн, на платформата www.eventora.eu/mme2020. Најавени се повеќе од 200 видео бизнис-средби меѓу 50 компании од земјата, регионот и Европската Унија. Исто така, посетителите на настанот ќе може да ги видат производите и излагачите презентирани на виртуелниот саем, како и да учествуваат на панел-дискусиите и презентациите од неколку домашни и меѓународни институции.

– Поради виртуелниот карактер на настанот, оваа година ги покануваме сите заинтересирани компании, организации, институции, како и индивидуални посетители кои сакаат да добијат нови знаења, контакти и можност за вмрежување со компании од повеќе од десет земји во регионот и Европа. Секој заинтересиран може бесплатно да се регистрира како посетител и да го проследи содржините на „Macedonian Manufacturing Expo 2020”, информира Асоцијацијата на метална и електро индустрија МАМЕИ.

Овој бизнис-настан почна во 2016 година како еднодневен, а од минатата година доби регионален и саемски карактер, вклучувајќи компании од целиот Балкан на бизнис-средбите, како и во саемскиот и конференцискиот дел во текот на повеќе денови. Настанот е поддржан од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем и од Амбасадата на Холандија.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2020 12:39