Донесена е одлука за една недела да се продолжи рокот за аплицирање на јавните повици за грантови за туристичките агенции, игротеките, рестораните за свадби, ноќните клубови, туристичките водичи, како и за повратот на туристичка такса, кои се дел од четвртиот сет актикризни мерки, објави вечерва министерот за економија Крешник Бектеши.

На гостувањето во дебатната емисија „И што сега“ на Македонската телевизија, Бектеши рече дека одлуката е донесена со цел да му се излезе во пресрет на туристичкиот сектор и средствата да бидат целосно искористени.

– Бидејќи во текот на минатата недела, откако беа објавени јавните повици за мерките за грантови, утврдивме дека доцнат уверенијата од Управата за јавни приходи, денеска донесовме одлука рокот за аплицирање да го продолжиме за една недела за да може да аплицираат сите кои ги исполнуваат условите. Целта на овие мерки е да бидат искористени од оние за кои се наменети. Затоа испланиравме толку средства, знаеме колку лиценци има за ресторани за свадба, колку пари се исплатени за туристичка такса и колку трустички водичи има и врз тие податоци ние ги програмиравме средствата за овие мерки. Има доволно пари за сите, рече Бектеши.

Најави дека следната година ќе продолжи и мерката ваучери за домашен туризам за што веќе се обезбедени средства во Предлог-буџетот на Министерството за економија.

Досега, како што рече, искористени се 46 илјади ваучери за домашен туризам и мерката ги дала очекуваните резултати бидејќи според податоците на Државниот завод за статистика има раст на бројот на домашни туристи во август и септември.

– Согласно Уредбата што ја донесе Владата, рокот за искористување на ваучерите за туризам кои ги доделивме во јули истекува на 15 декември, бидејќи овие средства беа предвидени во Буџетот за 2020 година и средствата мора да бидат исплатени до 25 декември. Но, во Предлог – буџетот за 2021 година предвидовме средства за да продолжи мерката за ваучери за поддршка на домашниот туризам, по барање на туристичкиот сектор. Мерката ќе се продолжи, но можеби тоа нема да биде во јануари, би можело да биде веќе во вториот квартал, односно во април. Но, во Буџетот на Министерството за економија се предвидени средства за оваа мерка и за следната година, рече Бектеши.

Додаде дека следната година во Предлог-буџетот на Министерството за економија се предвидени 250.000 евра за дигитална промоција на туристичка понуда на земјата со цел повторно да се привлечат странските туристи после пандемијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2020 22:58