Деветото издание на самитот Македонија 2025 првпат ќе се одржи во хибридна/дигитална форма. Од 1 до 3 декември 2020 година преку онлајн конференциската платформа hopin.com своите знаења и искуства ќе ги споделат најдобрите имиња во бизнисот, науката и технологијата.

Во фокус на самитот ќе бидат економските реформи и заздравувањето на економиите, а според најавата на Македонија 2025, се очекува вклучување на над 400 високи претставници на институции и организации, дипломати, извршни директори, претприемачи, членови на академијата и млади лидери.

-Во овој период, пандемијата на КОВИД-19 и здравствената и економската криза низ светот се неизбежна тема на сите дискусии, собири, конференции. Додека Самитот ги покрива овие теми, сепак целта е зголемен фокус кон заздравување на економиите, економските реформи, како и претставување на успешни примери и најдобри практики кај компаниите од земјава и светот. Ќе се зборува за економските реформи и меѓународните односи за време на здравствената и економска криза, за тоа како да изградите успешен бизнис во земја во развој, а ќе се дискутира и за моќта на компаниите со култура ориентирана кон луѓето, наведуваат од Македонија 2025.

Некои од говорниците на самитот ќе бидат: Енди Пејкоф, основач на најголемата компанија за вода во светот „Нијагара ботлинг“, една од најуспешните претприемачки во Канада со македонско потекло – Сузан Ничовски, понатаму Харди Пемхива, извршен директор на „Еконет Глобал Лимитед“ во Јужна Африка, групација која се залага за градење одржливи бизниси со позитивен придонес кон општеството и многу други.

Покрај панел-дискусиите, самитот предвидува и инспиративни интервјуа, разговори со врвни бизнисмени, лидери, носители на политики и признати професионалци од областа на медицината, како и специјален настан со претседателот Стево Пендаровски и успешните млади Македонци за иновациите и кодирањето.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/11/2020 12:05