На подрачјето на Полициската станица Струмица до 15-ти овој месец се пријавени 153 тешки кражби, а лани во истиот период биле извршени 65, но пленот на крадците е помал од лани. Тогаш украле предмети и стока вредни 4.340.502 денари, а годинава пленот им е 3.813.606 денари.

Овие податоци ги соопштија од СВР Струмица, од каде додаваат дека расте трендот на тешките кражби сторени годинава. За 11,5 месеци се извршени 153, а лани 65 кражби.

Полицијата за овие кривични дела „тешки кражби“, казниви по член 236 од Казнениот закон, поднела 139 пријави до ОЈО Струмица, а лани 65, односно биле пријавени 102 сторители што во споредба со минатата година е за повеќе од половина.

Забележливо е што меѓу сторителите на кражби значително е пораснат процентот на деца. Педесет и шест деца извршиле кражби, а лани биле регистрирани само две.

Расте бројот и на малолетници кои извршиле кражби. Полицијата регистрирала 30 малолетници како извршители на кражби, а лани се откриени 12 малолетници.

Бројот на полнолетни крадци е намален во споредба со лани. Годинава се регистрирани 16 крадци кои припаѓаат на оваа возрасна категорија граѓани, а лани 33.

Од извршените кражби оваа година се расветлени 58, а лани 24.

Крадците оперирале во куќи, станови и вили, продавници и маркети, а најголем дел од кражбите во овие две години се извршени во останати објекти.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/11/2020 14:53