Преку спроведување на концептот на СМАРТ-финансии – на среден рок може да постигнеме двојно поголем економски раст во споредба со последната деценија, што би значело подобар стандард за граѓаните, нови работни места, повисоки плати, поквалитетно здравство, образование и животна средина, дигитализација на услугите и воопшто подобри јавни услуги. Концептот на СМАРТ-финансии веќе се имплементира во Предлог-буџетот за 2021 година, каде за првпат има среднорочно планирање, но и се воведуваат механизми за следење на извршувањето.

На овие теми, како што соопшти Министерството за финансии, зборуваше министерот за финансии Фатмир Бесими на предавањата кои ги одржа во рамки на „Деновите на финансиска писменост“ на Економскиот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ и на Универзитот на Југоисточна Европа.

Бесими посочи дека среднорочната рамка на новиот буџет се заснова основите или АБЦ-дата од три платформи преку кои треба да се обезбеди заздравување на економијата, а кои понатаму ќе делуваат како катализатор на растот. Тоа се А. Стратегијата за заздравување и забрзан раст или Стратегија за попаметен раст (SmartER Growth), Б. Политиките за фискална консолидација и Ц. Планот за јавни инвестиции 2021-2025.

– Стратегијата за заздравување и забрзан раст на економијата, додаваат, се заснова на четири столба – економско заздравување од Ковид-19, забрзан инклузивен и одржлив раст, зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и развој на човечките ресурси и еднакви можности, посочи министерот.

Наведе дека економското заздравување од Ковид-19 ќе се спроведе преку мерки за заштита на здравјето на граѓаните и социјалната заштита на најзагрозените категории, како и поддршка на економијата, приватниот сектор и заштита на работните места, а по економското заздравување, предвидени се мерки и политики за забрзан, инклузивен и одржлив економски раст.

Тие, како што посочи, ќе бидат во насока на добро управување – односно владеење на правото, сузбивање на корупцијата и подигнување на капацитетот на институциите, како и обезбедување на фискална одржливост, макроекономска и финансиска стабилност, обезбедување и на локален и рамномерен регионален развој, одржлива и здрава животна средина и дигитализација на економијата и јавните услуги.

– Бесими истакна дека истовремено ќе се работи и на зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, на зајакнување на трговските врски и интеграцијата во глобалните синџири. Понатаму ќе се дејствува во насока на подобрување на деловното окружување и сузбивање на сивата економија, на подобрување на пристапот до финансии и адаптацијата на технологиите и модернизација на земјоделството, наведуваат од Министерството за финансии.

Како што посочи Бесими, инвестициите во човечки капитал остануваат меѓу врвните приоритети во Стратегијата за заздравување и забрзан раст. Ќе се работи на развој на еднакви можности, развој на човечките ресурси преку инвестиции во образование, наука и здравство, поттикнување на поголема активност на работоспособното население и социјална заштита и социјално осигурување.

Покрај политиките и мерките од Стратегијата за попаметен раст, додаваат, истовремено ќе се спроведуваат политики за намалување на дефицитот, односно јазот на приходната и расходната страна на буџетот – преку подобрување на наплатата на буџетските приходи, намалување и преструктуирање на буџетските расходи и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит.

– Преку инвестицискиот циклус од 3,1 милијарди евра за следниот петгодишен период од Планот за јавни инвестиции 2021-2025, ќе се поддржат проекти од патната, железничката, комуналната инфраструктура, гасификацијата, енергетиката, инвестиции во образованието и здравството итн. Освен планирањето на капиталните проекти во рамките на Националниот инвестицики комитет на ниво на Влада, ќе се воведат и методи за поттикнување на буџетските корисници за нивно извршување – како методологијата за „наградување и казнување“ која ќе почне да се реализира од буџетот 2021. Доколку буџетските корисници не ги реализираат планираните капитални расходи со 15, 40 и 65 проценти за првиот, вториот и третиот квартал во годината респективно, средствата ќе им бидат одземени. Исто така, ќе се воведе методологија со која ќе се мери импактот на капиталните расходи врз економијата, посочи Бесими.

Министерот за финансии, како што додаваат од Министерството, се приклучил со свои предавања на Деновите за финансиска писменост со цел подигање на свеста за важноста на финансиската едукација, бидејќи како што посочил „поголемата финнсиска писменост на поединците се важни за економијата во целост, бидејќи со носење на добри индивидуални финансиски одлуки се придонесува за подобри економски резултати во целост“.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2020 14:47