Македонската амбасадорка во Катар, Елма Алторок и директорот на еден од водечките катарски синџири на супермаркети „ЛуЛу Хипермакрект Катар“, Мохамед Алтаф вчера во Доха потпиша Меморандум за разбирање за унапредување на деловната соработка при увоз на земјоделски продукти, месо и месни производи, ајвар и сирење од Македонија во оваа држава во Персискиот Залив.

Како што објави весникот „Галф Тајмс“, со Меморандумот, нашата Амбасада во Доха се обврзува да овозможи воспоставување трговски врски помеѓу „ЛуЛу“ и потенцијални добавувачи на овие производи од земјава.

Во обраќањето по церемонијата на потпишување на Меморандумот, амбасадорката Алторок изрази задоволство од постигнатиот договор за промоција на македонски прехранбени производи во Катар, преку супермаркетите на „ЛуЛу“.

– Иницијативата има за цел да промовира и презентира широк спектар на традиционални стоки „Произведени во Македонија“, истовремено раскажувајќи ја уникатната приказна за извонредната македонска кујна и храна. Веруваме дека ова е почеток на голема успешна приказна што ќе ни помогне да ја подигнеме свеста и почитта на локалниот пазар кон храната од Македонија, нагласи Алторок.

Првиот човек на „ЛуЛу“ Алтаф изјави дека ова претставува прва можност за увоз на производи од Македонија во Катар и нагласи дека неговата компанија е среќна што ќе може да промовира продукти од македонско потекло во оваа земја.

– Со задоволство ќе додадеме производи по потекло од Македонија на нашите полици. Овој Меморандум за разбирање е само почеток. Ќе истражуваме се повеќе и повеќе линии на производи. Заедно ќе ги прошириме асортиманот и мислам дека ова ќе биде огромен поттик за Македонија, „ЛуЛу“ и за Катар во однос на увозот, изјави Алтаф.

Согласно договреното, првите македонски производи што ќе се најдат на пазарот во Катар ќе бидат овошје и зеленчук, месо и месни преработки, пред се јагнешко, како и ајвар, сирење и здрава храна.

Според Алтаф, овие „уникатни производи“ имаат за цел да ја презентираат македонската историја и наследство во Катар.

– Поради нивната уникатност и вредност, тие ја претвораат традицијата во луксуз. Имаме намера на нашите партнери и клиенти да им понудиме разни видови врвни производи од Македонија. Што е најважно, овој договор ќе обезбеди основа за поголема економска соработка меѓу нашите деловни сектори и дополнително ќе ги подобри веќе одличните односи и пријателство што постојат меѓу нашите земји на сите нивоа, додаде Алтаф.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2020 15:20