Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими вицепремиерот за економски прашања фатмир Битиќи кој на средбата информирал за економските приоритети на државата за следниот период, а кои треба да обезбедат забрзан и одржлив економски раст, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните, во услови на пандемијата предизвикана од Ковид-19.
Како што соопштија од кабинетот на претседателот, соговорниците констатираа дека, како и насекаде во светот, така и кај нас, огромни се предизвиците со кои се соочуваат економијата и граѓаните, а кои се последица на соци-економската криза од Ковид-19.
Вицепремиерот Битиќи, се додава, посочи дека политиките на Владата за новата развојна економија се добро димензионирани и проектирани да одговорат на реалните потреби на државата, стопанството и на граѓаните. Тој нагласи дека со инвестиции во економијата, како еден од врвните приоритети на Владата, ќе се обезбеди побрза консолидација на општеството, како и побрз и одржлив раст и развој.
На средбата, стана збор и за буџетот за 2021 година и планираните средства за идни мерки за справување со корона кризата, а во насока на поддршка на стопанството и граѓаните на Северна Македонија, како и за економските мерки на Владата за справување со кризата од Ковид-19, стои во соопштениоето.