Под мотото „Е-трговија и Ковид-19: Предизвици и можности!” на 25-ти и 26-ти ноември, се одржа Третата годишна конференција за е-трговија на која присуствуваа повеќе од 340 учесници од преку 100 компании, организации, владини институции и образовни установи.
Конференцијата, во своето премиерно онлајн издание, се состоеше од богата дводневна програма во која учество земаа 35 еминентни говорници кои доаѓаат од 13 земји од светот. Говорниците го пренесоа своето искуство и знаење преку клучни презентации, панел дискусии и неформални разговори, на различни теми поврзани со онлајн продажба, ставајќи го во фокус влијанието на пандемијата врз растот на е-трговијата.
Овогодишната конференција започна со презентација на резултатите од сеопфатниот извештај на АЕТМ, презентиран преку ексклузивно истражување спроведено на е-трговците и е-купувачите во нашата земја, како и споредба на добиените резултати во однос на земјите од Европска Унија. На презентацијата беа прикажани клучни заклучоци и беа презентирани и дополнителни препораки за раст и развој на е-трговијата.
На конференцијата, говорниците го потврдија потенцијалот на е-трговијата, како и можностите кои произлегоа за е-трговците и покрај предизвиците кои со себе ги донесе глобалната пандемијата. Се опфатија теми како, на пример, колку се користи потенцијалот на е – трговијата од страна на македонските е – трговци; преземањето на екстра чекори од страна на компаниите за достава; значењето и начините за зголемување на онлајн безбедноста и заштитата на потрошувачите; отклучување на потенцијалот на е – трговијата во Западен Балкан, како и за инклузивна дигитална економија преку претставување на инспиративните приказни на жените амбасадори за е – трговија на УНКТАД коишто споделија нивни искуства и предизвици.
Еден од заклучоците од годинашната конференција е фактот што е-трговијата и понатаму бележи континуиран раст во нашата држава, но ниското ниво на дигитални вештини го успорува дополнителниот развој на е – трговијата.
Дополнително, било заклучено дека дигиталната комуникациска стратегија на брендовите мора да се адаптира во време на криза, исто како што е значајно да се адаптираат начинот на работење, на продажба, на производство, е-трговците треба да го прилагодат и начинот на комуникација односно да го адаптираат тонот и пораките кон јавноста согласно фазите во кризата.
Од АЕТМ велат дека онлајн безбедноста и заштитата на потрошувачите се клучни за раст - со што се покажува дека работата на е-трговците е директно контролирана од меѓународните картични организации и може да се смета за сигурна и безбедна.
Важен заклучок од Третата годишна конференција за е-трговија е потребата да се вложува во подобрување на корисничкото искуство - главниот фокус на е-трговците треба да е грижата за корисниците, односно креирањето на позитивни искуства и навики за е-купувачите за повторно купување преку интернет.
Финално, важно е да се потенцира дека има огромен потенцијал за меѓугранична е-трговија во земјите од Западен Балкан. Решението за „отклучување” на потенцијалот на меѓуграничната продажба на територијата на Западен Балкан го гледаат во заеднички пристап, креирање на регионални партнерства, поинтензивна соработка, споделување на експертиза и стекнати искуства со локалните тимови.