Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски очекува во првиот квартал следната година да биде избран изведувач за првите две делници од пругата кон Бугарија.

Тој вели дека нејзината изградба е во фокусот на Владата, а со буџетот на Министерството за транспорт за 2021 година за оваа пруга на Коридорот 8 се проектирани 1 милијарда и 800 милиони денари.

-Следната година ќе го објавиме тедерот за изградба на двете фази, првата од Куманово до Бељаковце за преостаниот дел што остана недоизграден и за втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка. Постапката за избор на изведувач за двете делници ќе се одвива во еден тендер. Исто така, ќе продолжиме со одржување на железничката инфраструктура на Коридор 10, рече Бочварски.

Одговарајќи на новинарски прашања посочи дека ќе биде задоволен доколку во првиот квартал успеат да изберат изведувач на пругата кон Бугарија, комплексен проект чии три фази линат околу 600 милиони евра.

-За првите две фази сакаме да распишеме еден тендер и притоа да избереме изведувач. Посакуваме тоа да биде силен изведувач којшто ќе може да се зафати и да ги работи овие работи. Се работи за комплексна пруга. Само за втората и третата делница треба да бидат изградени 91 мост и 32 тунели. Самиот граничен премин се наоѓа во тунелот. Се работи за сериозен проект од околу 600 милиони евра коишто треба да бидат наш приоритет и во наредниот период, пред се, и за развојот на добрососедските односи и за развој на инфраструктурата, наведе Бочварски.

Изработени се, појасни, физибилити студии, проектна докумнетација и основен проект, врз база на кооишто е утврдено дека вредноста на трите фази е 600 милиони евра.

-Се работи за паневропскиот Коридор 8, многу значаен и за државата и за ЕУ. Тука имаме голем дел од средствата коишто се даваат како грантови, дел се даваат како заеми. ЕУ дава сериозен придонес во изградбата на оваа пруга. Таа е апсолутно потребна не само заради патничкиот, туку и заради товарниот транспорт. Во моментов имаме товарен транспорт со обем од 90 проценти, а само 10 проценти се на патничкиот. Комплексен и тежок проект, станува збор за многу средства, но треба да опстоиме затоа што нашата држава неможе да биде изземена од овој пристап и поврзување. Наше е да ги спроведеме постапките и да добиеме изведувач, наведе Бочварски.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2020 15:49