Конфедерација на слободни синдикати на Македонија – КСС смета дека во однос на прашањето недела да се прогласи како неработен ден, потребно е да се направи само дополнување на законското решение во кое ќе се прецизира дека недела е ден за одмор, а оние коиќе работат треба да земаат за 50 отсто повисока дневница.

Се друго според КСС би било неприфатливо од причина што ќе се направи дискриминација со селектирање кој може, а кој не може да работи во недела.

-КСС стои на ставот дека сегашното Законско решение само треба да се дополни и тоа: – Во членот 134 став 2 да стои: Ден за неделен одмор е недела. Секоја работа во недела се пресметува како прекувремена работа и се исплаќа дневница зголемена за 50%. Во членот 134 да се додаде став 3: Неделното работно време не смее да се продолжува во недела и важи од понеделник до сабота, наведуваат од ККС во соопштение испратено до медиумите.

Со ваква измена сметаат дека се задоволуваат потребите на работниците, но и на бизнис секторот од причини што во Законот за работни односи, член 117 став 5 вели дека прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно.

Според КСС со ваква измена во членот 134 и имајќи го предвид членот 117 каде што кажува колку најмногу може прекувремено да работи еден работник, се заштитува работникот од една страна, да не може да работи секоја недела, а од друга страна исплатата на дополнителна зголемена дневница го задоволува трудот кој сега би имал додадена вредност и капиталот се распределува порамноправно.

-Сето друго сметаме дека е чист популизам. Од една страна трговците лицитираат и лобираат, од друга страна ќе се направи хаос во Законот за работни односи, доколку се опишува кои дејности треба да работат, а кои не. Во време на економска криза многу лесно може да се случи заради неработење во недела да се намалат платите и да се кратат работни места, наведуваат од КСС.

Од тие причини препорачуваат дека во моментот нивниот предлог е можеби најприфатливо решение за сите засегнати страни.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2020 16:39