Владата, на вчерашната 25-та седница, донесе одлука да го предложи на усвојување во Собранието Предлогот законот за изменување и дополнување на Законот за Македонската банка за поддршка на развојот во кој се поставени контурите на државната гарантна шема, дел од сетот економски мерки за справување со ефектите од пандемијата КОВИД-19.

Со законското решение, како што појаснуваат од Развојната банка, се предлага дополнување на активностите на Развојната банка на Македонија за реализација на проекти и/или програми на Владата со издавање гаранции од Гарантен фонд. За Гарантниот фонд почетно се предвидени средства во висина од 10 милиони евра од Буџетот на Република Македонија.

Средствата на Гарантниот фонд, во предлогот на законот е предвидено да се користат за издавање гаранции за обезбедување плаќања по основ на главница на новоодобрени кредити за обртни средства до 80 отсто од износот на кредитот и кредити за основни средства до 50 отсто од износот на кредитот, согласно добрите пракси во европските земји. Крајните корисници на гаранциите може да бидат микро, мали и средни трговци, како и големи извозно-ориентирани трговски друштва во кои приходите по основ на извоз имаат учество од најмалку 30 отсто во вкупните остварени приходи во претходната фискална година.

За работењето на Гарантниот фонд, Развојна банка ќе објавува податоци на својата веб страна на квартална основа, а Министерството за финансии на својата веб страна ќе објавува полугодишни извештаи за фискалните ризици на Гарантниот фонд.

Предлог законското решение, пред да влезе во владина постапка беше поставено на јавна дискусија на ЕНЕР. Со усвојувањето на предлогот на законот од страна на Собранието, ќе се создаде законската рамка за отпочнување на државната гарантна шема.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2020 12:27