Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против двајца скопјани за недозволена трговија со дрога, откако при претрес кај нив била пронајдена марихуана спакувана во најлонски пакувања.
– На 30 ноември, во домот во кој престојувал, првиот осомничен, 34-годишен скопјанец, неовластено држел седум најлонски пакувања со наркотична дрога марихуана, со вкупна нето маса од 54,82 грама. При претресот кај него била пронајдена и една дигитална вага. Во истиот дом, на булеварот “Босна и Херцеговина“, при претресот бил затекнат и вториот осомничен, 45-годишен скопјанец, кој кај себе имал една најлонска кеса со 68,42 грама марихуана и уште една дигитална вага со траги од канабис, информираат од ОЈО.
Надлежниот јавен обвинител за двајцата осомничени до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка куќен притвор, поради опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоците или да ги уништат трагите, како и да го повторат делото, што судијата го прифатил и на осомничените им определи мерка куќен притвор во траење од 30 дена.
За лицата постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори согласно член 215 став 1 од Кривичниот законик.