Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска беше во работна посета на Охрид во чии рамки оствари средби со менаџерите на неколку компании од градот со кои Владата има потпишано договори за државна помош.

После посетата на компанијата АСП-ПАК, која минатата година со Владата потпиша договор за инвестициски циклус за пет години во вредност од над пет милиони евра, Битиќи истакна дека државата ќе продолжи со поддршката на компаниите што планираат да го прошируваат производство, да се модернизираат и дигитализираат, да го прошируваат асортиманот на производи, да отвораат нови работни места и да освојуваат нови пазари.

– Мене ме радуваат повеќе информации во врска со оваа компанија. Тоа е бројот на вработени околу 300, креирани се солидно платени работни места. Според информациите од сопственикот, платата е околу 500 евра. Производството на компанијата околу 97 отсто е за извоз. Значи станува збор за целосно извозна компанија. Токму и вакви компании нам ни создаваат добро платени работни места, тие се конкурентни на меѓународните пазари, создаваат производи со повисока додадена вредност и се двигатели на нашата економија. Тие се оние кои ги задржуваат младите да останат да работат во нашата земја, рече Битиќи.

Зборувајќи за програмите за поддршка на приватниот сектор Битиќи истакна дека до крајот на годината мерките насочени кон поддршка на стопанството ќе бидат операционализирани.

– Следната недела ќе биде објавен повикот од Развојната банка за 31 милион евра безкаматни кредити за стопанството. Веќе во јануари ќе биде достапна кредитната линија на ЕИБ од сто милиони евра со ниски камати до 1,6 отсто. Сето се тоа мерки што треба да им покаже на граѓаните и на стопанствениците, тие што го креираат развојот дека ние сме тука да ги поддржиме. Уште повеќе ќе поддржуваме решенија што се во склоп со светските текови, како четвртата индустријализација базирана врз дигитализација и нови технологии. Со Фондот за иновации и технолошки развој продолжуваме да креираме подобар екосистем за старт-ап компании, за претприемништво, иновации итн, рече меѓу другото вицепремиерот, охрабрувајќи ги стопанствениците да продолжат со развојни проекти, проширување на производните капацитети со одржливи решенија во производството.

Уште посочи дека што поголемиот број здрави извозни компании во земјата ќе придонесе за побрз развој и одржливост на домашната економија.

– Владата секако ќе биде ваш партнер. Сите вие кои се охрабрувате на нови инвестиции особено во периодот на Ковид-19 ќе бидете стимулирани да продолжите со успех да работите и да придонесете кон поубаво наше заедничко општество, рече тој.

Петар Спасески, сопственикот на „АСП-ПАК“ што е една од двата најголеми производители на мрежни решенија во Европа, изрази задоволство што со Законот за поддршка на домашните компании се изедначува статусот на домашните фирми со странските инвеститори, што значи изедначување на можностите за сите правни субјекти во земјата.

Независно од кризата наметната со епидемијата на коронавирусот, и во година на криза фирмата остварила подобри резултати споредбено со лани, со постојан раст во производството, зголемување на бројот коминтенти и освојување на пазарот. Покрај на европскиот и на пазарот на Блискиот Исток направени се и први испораки на нивни производи и во САД и Канада.

– Благодарение на договорот со Владата за поддршка на домашните компании ние се наоѓаме во фаза на реализација на проект на дигитализација на севкупното производство во фабриката. Тој проект ќе заврши за две години и на крај очекувањата се поголема ефикасност на производството за околу 30 проценти, намалување на шакртот или постигнување на повисоко ниво на квалитет на нашите производи, олеснување на работата за сите вработени во фирмата и на крај зголемување на платите или приближување до европските стандарди на нашите вработени, рече Спасески.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2020 14:12