Веднаш да се почне со конципирање стратегија за долгорочен економски, одржлив развој на државата, да се рационализираат робусните буџетски расходи и да се пренасочат кон поддршка на јавното здравство, приватниот сектор, извозот и инфраструктурните расходи, да се воведе „полициски час“ за вработувања во јавниот сектор, да се интензивира процесот на децентрализација и целосно да се напушти популизмот во водењето на економските политики, порачува Стопанската комора на Македонија.

Во брошурата „За посилна македонска економија во постковид 19 периодот“ објавена на веб страницата на Комората, компаниите-членки, но и експерти, директори на банки, како и членови на МАНУ, даваат своја оценка и одговараат на прашањата каква е тековната ситуација во македонската економија, кои се клучните ризици за сегашниот и наредниот период, кои се најсоодветните правци на дејствување и кои чекори и мерки треба да се преземат.

Според нив, состојбата во која се наоѓа македонската економија е тешка, но не е драматична како што се стравуваше во почетната фаза од корона пандемијата. Кризата нема да заврши бргу, туку ќе потрае. Нема да заврши ниту во истиот момент со здравствената криза, туку ќе има извесен период на економско заздравување. Затоа е важно, мерките на државата да не бидат краткорочно насочени исклучиво кон преживување на кризата, туку да содржат и елементи на произведување подолгорочни ефекти за одржување на економската активност на приватниот сектор.

Како што е наведено, компаниите имаат проблем со наплата од јавниот сектор, а се стравува и дека набргу нивната ликвидност ќе биде на удар.

Еден од клучните ризици, нотиран во Брошурата, е поврзан со сигурноста во снабдувањето со енергија и со други основни продукти. Но, бизнисот и експертите предвидуваат ризици и во финансискиот систем.

-Стопанството е погодено од неплатените обврски, бидејќи ја носи со себе тежината на кризата во која се наоѓа државата. Не само што фирмите не можат да си ги наплатат средствата, туку влегуваат во голема дупка, со оглед на тоа што го плаќаат данокот на државата, иако немаат наплатено фактури. Потоа, државата, имајќи проблем да ги собере сите средства, спас повторно бара во стопанството, каде што врши дополнителен притисок, стои во Брошурата.

Се додава и дека во услови на КОВИД, тешко е да се одржува синџирот на снабдување во кој се вклучени набавките, транспортот, администрацијата, прекуграничните предизвици.

-За нормално функционирање на економијата особено е важно да се обезбеди снабдувањето со нафта и со нафтени деривати. Затоа, врвен приоритет е зачувувањето на проодноста на транспортните коридори, особено со Грција, од каде што доаѓаат 75 отсто од вкупно увезените количини. Можните негативни последици од затворањето на транспортните коридори би биле катастрофални. Во таа насока, Комората, во соработка со надлежните институции, ќе преземе оперативни чекори за редовно следење на проодноста на транспортните коридори со соседните земји. Дополнително, во енергетскиот сектор е неможно сите вработени да работат од дома и затоа секој здравствен инцидент го успорува процесот, а здрави и квалификувани работници е сé потешко да се најдат, се посочува во Брошурата.

Воедно се укажува и на можен неповолен тек на настаните.

-Постојната економска криза има и свое непосакувано, неповолно можно сценарио. Во тој случај, последиците за определени индустриски гранки ќе бидат сериозни. Сѐ повеќе компании ќе го намалуваат производството и ќе се затвораат. Со тоа ќе се зголеми невработеноста, ќе се намалат приливите на буџетот, ќе се зголемува сиромаштијата и ќе се намали можноста за помош од државата таму каде што е потребно. Први на удар ќе бидат малите компании, потоа производствените компании кои произведуваат артикли што не се неопходни (конфекции), потоа туристичките и угостителските компании, па градежните компании, трговците на мало и компаниите што се занимаваат со издавање сопствен недвижен имот (молови). На крај и поголемите компании, сметат бизнисот и експертите.

Во Брошурата се наведени и насоките на дејствување, како и идните чекори, според кои: деловниот сектор треба безусловно да биде вклучен во донесувањето решенија, приоритет да имаат инвестициите, извозот и институциите, да се направат олеснувања во сферата на даноците и на царините, да се максимизира реализацијата на капиталните инвестиции со максимално вклучување на домашни компании, како и да се размисли за одложување на отплатата на обврските спрема банките

Една од препораките е и бизнис-заедницата е да се засилат активностите за општествена одговорност и притоа, дел да се реализираат во соработка со државата. Да се формира фонд за КОВИД средства што ќе се донираат во здравството, за она што е најпотребно, како набавка на тестови, но, тоа да биде организирано преку Комората.

Се предлага и креирање фонд за иновации за големите компании, како и зголемена употреба на јавно-приватно партнерство.

-На почетокот на пандемијата беше време кога државата требаше да и’ помогне на економијата да преживее. Сега е време кога треба да си помогнеме сите заедно. И на крајот, ќе дојде време кога економијата ќе и` помогне на државата. Но, секоја криза е шанса, порачува Стопанската комора.

Брошурата ќе биде официјално промовирана во понеделник, на прес-конференција во Велес, со што и официјално ќе почнат активностите на Комората под мотото „За посилна македонска економија во постковид 19 периодот“ кои ќе траат до крајот на декември.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2020 11:50