Претседателот Стево Пендаровски по повод одбележувањето на 5 Декември - Меѓународниот ден на волонтерството, денеска разговараше со волонтери од различни региони и организации од Република Македонија.

Во разговорот учествуваа волонтери од Црвениот крст, УНИЦЕФ, Сојузот на извидници на Македонија, Здружението САНО, како и студенти од Медицинскиот факултет и доктори волонтери кои помагаат во борбата против Ковид-19.

Претседателот Пендаровски истакна дека високо го цени нивниот севкупен волонтерски ангажман и нивната улога во поддршка на заедницата и ги охрабри волонтерите да продолжат со своите активности.

„Вие сте пример како треба да бидеме солидарни и да помагаме. Имаме многу што да научиме од вас”, им порача на волонтерите претседателот Пендаровски, изразувајќи благодарност за сето време кое го одвојуваат да помагаат и придонесуваат за добросостојбата на нашето општество.

„Со вашиот доброволен придонес покажавте како може позитивно да се промени животот на луѓето околу вас и особено на оние на кои им е најпотребна помош”, истакна претседателот во разговорот со волонтерите.

Волонтерите ги споделија своите искуства, потреби и предизвици со кои се соочуваат во ситуации на кризи, особено за време на пандемијата и ја истакнаа потребата за подигање на јавната свест и поддршка на волонтерството.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2020 17:26