И покрај негативниот економски резултат во третото тримесечје, се гледа тенденција на подобрување. Бруто-инвестициите и јавната потрошувачка, по остриот пад во второто тримесечје, забележуваат раст, што укажува на тоа дека антикризните мерки кои се преземаат даваат резултати, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими зборувајќи на настанот ТОП 100 во организација на Стопанска комора на Северозападна Македонија.

Падот од 14,9% во второто тримесечје од годинава, кога започна кризата, во третото тримесечје е ублажен на -3,3%, со позитивен придонес на бруто-инвестициите и јавната потрошувачка, за што пак придонесуваат преземените мерки од страна на владата за внесување на ликвидност во стопанството.

Бесими посочи дека по високиот пад на бруто-инвестициите од 34,4% во вториот квартал, во третиот квартал се забележува раст на бруто-инвестициите од 4,2% на расходната страна на БДП, што се должи на растот на инвестициите во градежни работи, како и во машини и опрема.

Исто така, посочи министерот, во третиот квартал падот на потрошувачка е ублажен на -1,2%, од високи -9,1% во претходниот квартал. Тоа главно се должи на фактот дека јавната потрошувачка забележа раст од високи 13,5% на реална основа, кој пак се должи на зголеменото трошење за поддршка на најпогодените категории со пандемијата.

Бесими посочи дека и во наредниот период ќе продолжат да се спроведуваат мерките од четвртиот пакет со кој ќе се даде поддршка на стопанството, како финансиската поддршка на работодавачите за исплата на плати, бескаматната кредитна линија со грант компонента, но и државната гарантна шема кои ќе обезбедат подобар пристап до финансии.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/12/2020 14:00