Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија ја известува јавноста дека од Друштво за управување со приватни инвестициски фондови „Глобал Инвестмент Корпорејшн” – Доо Скопје до Комисијата за хартии од вредност досега нема поднесено никакво барање, па оттука и во овој момент пред Комисијата за хартии од вредност не се води никаква постапка.

Друштвото за управување со приватни инвестициски фондови „Глобал Инвестмент Корпорејшн” – Доо Скопје е основано на 20 ноември, 2020 година, а уписот на основањето е извршен во Централниот Регистар на РСМ, за што согласно Законот за инвестициски фондови не е потребна дозвола за работење, дозвола за именување на директор или претходна согласност од страна на Комисијата за хартии од вредност.

Заради правилна и доследна примена на законите, апелираме да се прави разлика во поимите, статусот и надлежноста на друштво за управување со инвестициски фондови и друштво за управување со приватни инвестициски фондови.

Имено, согласно Законот за инвестициски фондови, за разлика од друштвата за управување со инвестициски фондови, друштвата за управување со приватни фондови, каков е и статусот на посоченото друштво од страна на Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард банка, при нивното основање не доставуваат барање за дозвола за работење до Комисијата за хартии од вредност, ниту пак Комисијата е надлежна да издава согласност на управителите (директорите) на друштво за управување со приватни инвестициски фондови.

Единствено, согласно член 93 став 2 од Законот за инвестициски фондови, Комисијата за хартии од вредност врши запишување на приватните фондови со кои управува друштвото за управување со приватниинвестициски фондови и тоа во Регистарот кој го води Комисијата на својата веб страница, но во овој момент нема ниту такво барање до Комисијата за хартии од вредност.

Комисија за хартии од вредност



Автор: Администратор
Објавено на: 09/12/2020 14:59