Плаќањата со платежни картички во трговијата во третиот квартал бележат раст. Зголемени се плаќањата преку интернет и плаќањата на местата на продажба. Пад има кај кредитните трансфери.

Народната банка бележи висок годишен раст од 175 проценти на бројот на плаќања со платежни картички преку интернет кој е речиси петкратно повисок од годишниот раст во истиот квартал минатата година. Според платежната статистика што ја објави Народната банка, остварен е и годишен раст од 36,8 проценти на плаќањата на физичките места на продажба којшто е значително повисок од годишниот раст во истиот квартал лани (22,3 проценти).

Овие податоци укажуваат дека граѓаните почнуваат да ги користат придобивките на електронското банкарство и да ги менуваат навиките за плаќање, односно почесто да користат платежни картички при купување.

За извршување на плаќањата, граѓаните најчесто ги користеле мобилните апликации. Бројот на плаќања извршени со мобилен телефон пораснал на значителни 84,2 проценти на годишна основа што е повеќе во споредба со третиот квартал минатата година кога овој процент изнесувал 49,3.

Покрај ова, продолжува и трендот на употреба на компјутерите при плаќање од страна на граѓаните. Поточно, кај овие плаќања, во третиот квартал забележан е висок годишен раст од 20,1 процент што е четирипати повеќе во однос на истиот период лани.

Од друга страна условите што ги наметна пандемијата на Ковид-19 имаат негативно влијание кај плаќањата со користење на инструментот кредитни трансфери каде е забележан годишен пад од 4,4 проценти кај бројот и од 4,9 проценти кај вредноста на трансакциите. Народната банка бележи и годишен пад од 34,4 проценти кај бројот на кредитни трансфери на хартија наспроти годишниот раст во третиот квартал лани кога изнесувал 8,5 проценти.

– Менувањето на навиките на граѓаните во услови на ограничено движење заради пандемијата придонесе за впечатлив годишен раст на нивните плаќања со платежни картички преку интернет во земјата од 141 проценти, како и на кредитните трансфери иницирани по електронски пат од 28 проценти во текот на сите три квартали од 2020, велат од Народната банка.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/12/2020 15:41