Владата денеска на седница го утврди текстот на Дополнетиот предлог-буџет за 2021 година, прифаќајќи 18 амандмани кои произлегоа од расправата во собраниските комисии.
Од владината прес-служба попладнево информираа дека прифатени се и заклучоци како што се дополнителни средства од девет милиони денари за Уставниот суд за плати и надоместоци, како и обезбедување на дополнителни средства за одржување на поголем степен на програмски и техничко-технолошки развој на јавниот радиодифузен сервис.
Текстот на дополнетиот Предлог-буџет ќе биде доставен на усвојување во Собранието.
На предлог на Министерството за финансии, на седницата усвоена е и ревидираната Фискална стратегија за 2021 – 2023, со дополненија до 2025 година, а усвоена е и Стратегијата за управување со јавниот долг со дополнение уште за две години, односно до 2025 година.
– Со Стратегијата за управување со јавен долг, согласно со Законот за јавен долг, се утврдува висината на јавниот долг на среден рок, максималниот износ на нето задолжување во првата година во која се однесува стратегијата, максималниот износ на ново издадени државни гаранции во првата година за која се однесува стратегијата и структурата на државниот долг. Стратегијата за управување со јавен долг ѝ дава рамка на Владата на Република Македонија за дејствување во насока на прудентно управување со јавниот долг на државата на среден рок, велат од Владата.