Македонија веќе подолго време бележи пад на продуктивноста на трудот односно БДП по работник, коментира на својот фејсбук профил професорот по економија Дарко Лазаров.
–Македонската економија бележи сериозен пад на продуктивноста! Македонија веќе подолг временски период бележи пад на продуктивноста на трудот (БДП по работник).
Имено, продуктивноста на трудот бележи просечен пад од – 2.2% годишно во последните четири години. Овој пад на продуктивноста на трудот е уште поизразен во првите три квартали од 2020 година, каде е забележан пад од -6% споредено со истиот период лани. Ова е силна потврда за погрешните економски политика на Владата во целиот изминат период, но уште повеќе во периодот на кризата. За споредба, во Србија продуктивноста на трудот во периодот 2017-2020 година бележи просечен раст од 1.5%, а во првите три квартали од 2020 година падот е повеќе од шест пати помал од нашиот, – 0.8%.
Само да појаснам овој индикатор покажува колку еден работник во просек произведува (додава вредност) во економијата и во нормални пазарни услови од него зависи висината на просечната плата во земјата. На пример, Македонија има 3 пати пониска просечна плата од Словенија затоа што Македонија има 3 пати пониска продуктивност од Словенија или платите во Германија се 6 пати поголеми од платите во Македонија затоа што германската економија е 6 пати попродуктивна од македонската економија. Од ова може да заклучиме дека со економските политики на оваа влада ниту ќе растат платите, ниту ќе расте животниот стандард на граѓаните, стои во неговиот пост на Фејсбук.