Во Њујорк, УНИЦЕФ заедно со партнерите ги прогласи осумте победници на глобалниот младински предизвик Генерација без граници 2019/2020. Меѓу нив, во категоријата севкупни победници на возраст под 18 години, победник беше тимот eBionics на млади иноватори од нашата земја со решението VenusArm (Раката на Венера) – 3Д печатена бионичка рака наменета за лицата со недостаток на горен екстремитет.

Членови на тимот eBionics се Орхан Багашов (лидер на тимот), Борис Ночески, Анамариа Илиева и Тео Китановски, со менторска поддршка од проф. д-р Иван Чорбев. Нивното решение има за цел, Venus Arm – 3Д печатена бионичка рака наменета за лицата со недостаток на горен екстремитет да го подобри пристапот до протетички помагала .Тимот дава упатство и насоки кои ќе им помогнат на лицата да направат протетичка бионичка рака. Нивните истражувања на пазарот покажаа дека постоечките решенија се протези со цена која надминува десетици илјади евра, додека нивното решение може да се изработи за околу 100 до 200 евра.

-Пресреќни сме и благодарни за признанието и вербата во нашиот тим и во потенцијалот на идејата. Возбудени сме што овој предизвик ни дава можност да ја претвориме нашата идеја во реалност и да допреме до што е можно повеќе луѓе ширум светот, рече Багашов, лидер на тимот.

Нашата главна цел, вели Багашов, е бионичката рака да биде достапна за оние на коишто им е најпотребна. Се надеваме дека ќе имаме голем број корисници на кои бионичката рака ќе им понуди нови можности и ќе им изнуди насмевка. На младите би им препорачале да веруваат во тоа што го прават, иако можеби на почетокот изгледа неостварливо – постојат иницијативи, организации и луѓе кои веруваат во нив и ги поддржуваат.

Оваа година глобалниот младински предизвик Генерација без граници 2019/2020 се одржа во 36 земји од целиот свет, а учествуваа над 180 тима. Ова е вторпат младите од Македонија да добијат глобално признание. Во 2019 тимот Андромета се најде меѓу светските победници со нивната мобилна апликација Speak Out за поддршка на менталното здравје и заштита од врсничко насилство меѓу младите.

-Земјава треба да биде исклучително горда што втора година по ред има победник на глобално ниво. Тоа е доказ дека тука има млади со огромен потенцијал и нагласува колку е важно да се вложи во нив за да се создадат можности за иновации и социјално претприемништво, рече Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Искрено сум инспирирана од eBonics и од талентите на младите во оваа земја. Нема сомнение дека единствено што треба е да им се даде се простор и можности да го искористат својот порив, креативност и способност да бидат предводници во изнаоѓањето решенија што ќе донесат позитивна промена во нивниот живот, но и во заедницата во која живеат, дополни Ди Џовани.

На националниот младински предизвки Генерација без граници кој се одржа порано годинава со поддршка од Фондацијата Македонски Телеком, тимот eBionics заедно со тимот Mind Benders со нивното дигитално ресторанско мени беа одбрани да се натпреваруваат како дел од глобалниот предизвик.

-Многу ни е драго што ја поддржавме оваа иницијатива која создава услови младите да ја користат технологијата како алатка што им служи на луѓето и на општеството. Во дигиталното општество што го градиме, најголемиот предизвик е како да го намалиме дигиталниот јаз, како да ги вклучиме сите, без исклучок. Технологијата е навистина моќна алатка и младите ни покажаа дека, кога ќе добијат можност, тие имаат потенцијал да ја користат за добро, како што направи и победничкиот тим e-Bionics, рече Никола Љушев, главен извршен директор на Македонски Телеком.

Идеите на победничките тимови ќе придонесат за успехот на Generation Unlimited – амбициозно мултисекторско јавно-приватно глобално партнерство чија цел е да одговори на итните потреби за проширување на можностите за образование, обука и вработување на младите со еден досега невиден опфат.

Кај нас, националниот младински предизвик е дел од партнерството на УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија, а го спроведува Лабораторијата за социјални иновации Смарт Ап со локална поддршка од Сојузот на извидници. Младите беа поканети преку јавен повик да креираат иновативни решенија како одговор на прашањето „Како може дигиталната технологија да придонесе кон поактивно вклучување на децата и младите во образованието и во секојдневниот живот?“ Успешните кандидати беа поканети да учествуваат во работилници за разработка на идеите и петте најветувачки идеи беа наградени со по 1.000 американски долари, а добија и менторство за поддршка при реализација на проектите. Два тима беа одбрани да учествуваат на глобалниот предизвик.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2020 13:37