На сметките на 658 производители кои се занимаваат со органско земјоделство денеска се исплатени вкупно 91,6 милиони денари, соопшти Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Според директорот на Агенцијата, Николче Бабовски, средства се исплаќаат на сите кои на органски начин одгледуваат градинарски култури, лозови и овошни насади, овци, кози, говеда и пчелни семејства.
Средствата за финансиска поддршка на органското производство се исплатени на сите земјоделски производители кои поднеле барање за користење на финансиската поддршка и ги исполниле условите од Програмата за рурален развој.
-Праксата за навремена и неселективна исплата на субвенциите продолжува. Парите за земјоделски субвенции се исплаќаат во период кога на земјоделците средствата им се најпотребни, вели Бабовски.