Владата на 29. седница донесе одлука за зголемување на почениот капитал на Развојна банка на Македонија за три милиони евра. Целта на зголемувањето на капиталот е зголемување на поддршката на приватниот сектор, а особено поддршката на извозот во услови на отежнато работење на домашните компании.
Како што соопштија денеска од Развојната банка, зголемувањето на поддршката на приватниот сектор ќе се реализира преку проширување на портфолиото на банката со издавање на царински гаранции.
Царинските гаранции, како што посочуваат од банката, беа предвидени со четвртиот сет економски мерки за ревитализирање на економијата. Со овој производ, ќе се олесни увозот на материјали заради облагородување кој се реализира како извоз во форма на производи и услуги.
-Преку Развојна банка на Македонија досега се реализираа две бескаматни кредитни линии за поддршка на микро, мали и средни компании со кои се поддржаа околу 1.400 компании со 18 илјади вработени. Дополнително, преку Развојна банка се ставија на располагање на приватниот сектор 50,9 милиони евра поволни кредити од ЕИБ кредитната линија за проекти на 189 компании кои треба да вработат нови 605 лица, се наведува во соопштението.
Тековно од Развојната банка информираат дека се реализира третата бескаматна кредитна линија со грант компонента за микро и мали трговски друштва, ТП и занаетчии, за која поднесувањето на кредитни барања започнува во среда на 16 декември од 00:01 часот на полноќ.
Третата бескаматна кредитна линија се реализира со финансиска поддршка до 30 милиони евра од Европската Унија преку активноста ЕУзаОтпорност од ИПА програмата, како и од буџетски средства во износ од 1 милион евра.