Електропреносните систем-оператори на Македонија и на Косово, МЕПСО и КОСТТ, склучија оперативен договор за организирање аукции за закуп на расположливи преносни капацитети со што се создадоа услови за директно тргување со електрична енергија меѓу двете земји.

Од МЕПСО соопштија дека оперативниот договор што го склучиле генералниот директор на МЕПСО, Куштрим Рамадани и генералниот извршен директор на КОСТТ, Мустафа Хасани, овозможил денеска да биде реализирана првата дневна аукција за закуп на расположливи преносни капацитети во двата правци на 400 киловолтниот преку далекувод со кој се поврзани двете земји. По тој повод денеска во работна посета на МЕПСО присуствуваа високи претставници на КОСТТ.

– Ова е многу значаен ден за двата систем-оператори. Затоа што се овозможува учесниците на пазарите за електрична енергија во двете земји да учествуваат на аукции и да закупат прекугранични капацитети за пренос на електрична енергија. Договорот меѓу МЕПСО и КОСТТ и создавањето на услови за трговија со електрична енергија меѓу двете земји е уште еден важен чекор кон создавање на регионален пазар и негова идна интеграција во едиствениот пан европски пазар на електрична енергија, истакна Рамадани.

Од МЕПСО информираа дека Косовскиот систем-оператор КОСТТ од денеска добил можност да организира аукции на прекугранични расположливи капацитети со соседните земји. Периодот до 14 декември, како што посочија, беше дефиран како временска рамка во која беа успешно реализирани сите технички и правни предуслови кои овозможија КОСТТ да почне да работи како контролна област во рамките на контролниот блок формиран заедно со албанскиот систем оператор ОСТ.

– Овој договор е продолжение на исполнувањето на обврските коишто произлегуваат од членството во ЕНТСО–Е, и негова цел е развој на регионалните пазари на електрична енергија и зајакнување на сигурноста на напојувањето за граѓаните од двете земји, истакна Хасани.

Аукциите во име на двата систем-оператори ќе ги организира и спроведува аукциската куќа специјализирана за оваа дејност СЕЕ-ЦАО со седиште во Подгорица. МЕПСО и КОСТТ се коосновачи на СЕЕ-ЦАО заедно со систем-операторите од Црна Гора, Албанија, Грција, Хрватска, Босна и Херцеговина и Турција.

СЕЕ-ЦАО организира годишни, месечни и дневни аукции за закуп на расположливи капацитети за пренос на електрична енергија меѓу овие земји. Оваа аукциска куќа е основана со цел од еден центар да се организираат аукции меѓу повеќе соседни електропреносни системи и со тоа да се намалат трошоците и да се овозможат фер услови за сите учесници на пазарите на електрична енергија на регионално ниво.

Преносните систем-оператори се гаранти на функционалноста на единствен пазар на електрична енергија затоа што се надлежни и одговорни да овозможат стабилност и сигурност во управувањето со националните електропреносни системи што е клучен предуслов за да може да се воспостави и да профункционира единствен пазар на електрична енергија.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/12/2020 21:02