Околу 300.000 граѓани кои ќе добијат 6.000 денари како еднократна поддршка од државата средствата ќе можат да ги користат и после предвидениот рок 25 декември 2020 година, информираат од Владата.

-Тоа се пари на и за граѓаните на кои им е потребна поддршка и истите ќе може да се користат непречено веднаш после уплатата на сметка. Препораката за искористување на средствата до 25 декември останува со цел до крајот на годината да се инјектираат и ликвидни средства во стопанството за кус период, да се купуваат македонски производи и на тој начин да се дејствува врз раздвижување на економската активност, се вели во соопштението од Владата.

Доколку не беа опструкциите и блокадите во Собранието од страна на опозицијата за навремена реализација на четвртиот пакет економски мерки, потенцираат од Владата, граѓаните ќе беа во можност своите средства да ги користат доста порано, а со тоа и економската активност во државата ќе се подобреше порано.-Оваа мерка е од четвртиот пакет за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани. По 6.000 денари на сметка добиваат граѓаните со низок доход, пензионери кои имаат до 15.000 пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица од 16 до 29 години, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници. За оваа мерка која ќе се реализира преку исплаќање на средствата на постоечката трансакциска сметка на граѓаните, испроектирани се вкупно 27,5 милиони евра, појаснуваат од Владата.

До крајот на неделата страницата kupuvamdomasno.gov.mk се очекува да биде ажурирана за граѓаните да може да проверат дали се на листата со внесување на својот матичен број.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/12/2020 17:15