Економијата во рамки на техмолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) генерално во Република Македонија придонесува некаде 50-тина проценти од вкупниот извоз на државата, така што и тоа како Македонија е засегната од глобалните движења и глобалните трендови особено во некои индустрии, истакна на денешната прес-конференција директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски.

Деспотовски најави дека воведуваат нов квалитет во работењето на Дирекцијата за ТИРЗ, малку поинтензивна комуникација со јавноста и општата и стручната јавност. Информира дека во Дирекцијата затекнале богатство на различни податоци и се обиделе преку едноставна методологија да стигнат до одредени првични согледувања за економијата во рамки на индустриските зони во државата, какви се движењата, како глобалната криза предизвикана од пандемијата ќе влијае врз компаниите коишто се извозно ориентирани.

-Заклучно со октомври 2020 година извозот од ТИРЗ-овите учествува со некаде 45 проценти во вкупниот извоз на Република Македонија. Тоа значи дека во рамки на индустриските зони имаме сериозна економска активност, односно имаме економија во рамки на економијата. Постојано имаме раст на тоа учество, во 2018 година извозот од зоните учествувал со 42 проценти во вкупниот извоз на државата. Оваа година очекуваме таа бројка да достигне до 45 проценти, вели Деспотовски.

За растот и падот на извозот во 2020 година, ако се земе како основа 2018 година, во 2019 извозот од зоните во однос на претходната година растел 15 отсто, вкупниот извоз на државата во однос на 2018 растел со 9,3 отсто или има подинамичен раст на извозот во рамки на зоните во однос на 2018 година.

-Заклучно со октомври 2020 година, вкупниот извоз во државата е паднат за 13,01 отсто во однос на извозот во 2018 година, но извозот од ТИРЗ-зоните е намален за 9,4 отсто, изјави Депостовски, додавајќи дека тоа намалување е како последица на глобалната криза. Најголем пад е регистриран во април, а од втората половина на годината бројките на извозот се опоравуваат. Информира дека дел од податоците што ги добиле за ноември 2020, за жал за извозот од компаниите кои се вон зоните, а се странски инвестиции се достапни во други институции, забележале како недостаток е тоа што нема воспоставено соодветна комуникација и соработка меѓу институциите и додаде оти на тоа треба да се работи. Заклучно со ноември 2020, кумулативниот пад на извозот за периодот јануари – ноември 2020 споредено со иститот период во 2019 ќе биде околу 8 или 8,5 отсто.

Учеството на увозот во ТИРЗ, во однос на вкупниот увоз се зголемува. Заклучно со октомври 2020 увозот во зоните во вкупниот увоз со околу 28 проценти, со блага тенденција на зголемување. За движењата на увозот, рече дека вкупниот увоз во државата заклучно со октомври 2020 е намален за 21,3 отсто, а увозот во ТИРЗ-зоните е намален за 19 отсто.

Деспотовски рече дека вкупниот нето извоз во државата е намален за 23,7 отсто, а во ТИРЗ-зоните е за 21,74 отсто.

За движењето на просечните плати во рамки на зоните, тој рече дека се уште немаат податоци за 2020 година и ги очекуваат. Ако се споредат 2018 и 2019, просечната бруто плата во државата е повисока од просечната бруто плата исплатена во ТИРЗ-зоните. Во 2018 година разликата била околу 6,2 отсто, таа се намалува и во 2019 година изнесува околу 5,4 отсто. Додаде дека околу 14.000 луѓе работат во зоните. Најави дека ќе работат на нови механизми со кои ќе се поттикне растот на платите на вработени во индустриските зони, а ќе се работи и на продуктивноста.

Деспотовски информира дека просечната бруто плата во 2019 растела 5,12 отсто во рамки на ТИРЗ-зоните, споредено со 2018 година, пораснала за 5, 9 отсто, но додаде дека не е задоволен од таа динамика. За нето платите, констатира дека има помала просечна нето плата исплатена во ТИРЗ-зоните споредено со просечната нето плата исплатена во севкупната домашна економија.

За компаниите во рамки на зоните, рече дека во 2018 година 71 отсто од компаниите работеле со добивка, а 29 отсто со загуба. Истото ова се пресликува во 2019 година. За стапката на добивка на ниво на портофолио за оние компании кои работат со добивка, во 2018 година таа изнесува 6 проценти, а потоа во 2019 година таа е делумно намалена. Во делот на приходите, од компаниите ангажирани во рамки на зоните, има тренд на пораст од 8, 3 проценти во 2019 година во однос на 2018.

– Државата дефинитивно има интерес од доаѓањето на странски инвеститори, со потикнување на странски инвестиции, подвлече Деспотовски. Додаде дека има недоволна и незадоволителна соработка меѓу институциите кои се активни во оваа област и ќе мора да се работи на тоа во следниот период. Според него, и политиката што се спроведувала досега дала резултат и најави дека негов предизвик и на Владата е да се работи на политики на привлекување на странски инсвеститори.

Деспотовски најави дека презентацијата ќе биде достапна на веб-страницата на Дирекцијата, а се надева дека наскоро ќе биде достапна и на страницата на Владата.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/12/2020 15:32