Собранието на Република Македонија денеска по пет дена расправа треба да гласа по Дополнетиот предлог буџет за 2021 година.
Власта и опозицијата во текот на досегашната расправа, искажаа спротивставени ставови за Предлог-буџетот за следната година.
За власта, Буџетот обезбедува одржливост, рационално трошење и е продолжение на одговорните политики спроведени во изминатиот период. Посочија дека Предлог-буџетот е фокусиран на поддршка на здравството и на економското заздравување.
Опозицијата, пак, смета дека предложениот Буџет е мегаломански и нереален. Со него, како што истакнаа, нема да се обезбеди финансиска консолидација, туку ќе се зголеми јавниот долг кој би достигнал 67 проценти.
Во дополнетиот предлог се содржани 18 амандмани прифатени во текот на расправата пред матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет.
Министерот за финансии Фатмир Бесими во образложението пред пратениците посочи дека Дополнетниот предлог-буџет е реален и во него се алоцирани средства онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.
Со проекциите во Буџетот, како што истакна, се очекува да се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепнат одредени дејности, да се обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да се обезбедат политики кои и понатаму ќе помогнат за спроведување на брза излезна стратегија со цел продолжување со позитивните трендови на македонската економија.
Вкупните приходи на Буџетот за 2021 се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари, додека расходите на 247,5 денари. Проектираниот дефицит е 34,9 милијарди денари.