По патот за Мариово, од Прилеп, токму пред Расимбегов мост на Црна Река, треба да скршнете лево. Да се пешачи за да се стигне до Градок, еден од најбитните локалитети во Мариово. И антички и за средновековието, а најмногу за зачетоците на христијанството.
Ве пречекува фасцинантен поглед. Ѕидини од базилики од византиската антика прераснале во манастирски комплекс. Зачуваноста на остатоците фасцинира. Ѕидините се извишуваат речиси 2000 години. Добро, прецизно, од 4 век од нашата ера.
Приказната за Градок во Мариово не е нова, но новите истражувања се фасцинантни. Се истражувало кон крајот на 20 век (од 1989 до 1996 година) и дури сега по 24 години. Се поместуваат границите на раната антика, а секако и зачетоците на христијанството. Се поврзуваат дури од 4 век од нашата ера.
Археологот Бранко Ристески, директор на Институтот за старословенска култура од Прилеп и предводник на истражувачкиот тим, е „желен“ да ја раскаже приказната за раната антика од пред 2000 години на оваа почва и зачетоците на христијанството. Досега се знаеше дека локалитетот има зачетоци од доцната, а отсега од раната антика, од почетокот на новата ера. Антиката се претопува во раното средновековие, вели Ристески.
– Пред 24 години се констатирани остатоци од античка населба, клучна за културната историја на Мариово. Во периодот од 9 до 14 век е констатиран средновековен манастир со две цркви. Тие две етапи подетално се истражени, иако се констатирани остатоци од праисторијата и од раната антика. Но најголемиот дел остатоци се поврзуваат со овие две фази – античката населба и средновековниот период со манастир и две цркви. Годинава, првпат, имавме можност да истражуваме значаен комплекс на раноантички населби и е новина во досегашните истражувања, кои нудеа детали за доцната антика. Ова ги проширува сознанијата за античката населба. Втората линија се новите сознанија за средновековниот манастир. Откривме делови од садова, луксузно глазирана садова керамика, која се поврзува со солунските луксузни работилници во византискиот период, објаснува Ристески.
Откритијата за поврзаноста со југот, односно солунскиот центар укажуваат дека Градок бил на значајна, клучна точка на трансферзалата југ – север.
– Продукцијата, како најјужен пункт во Манастир, Мариово, се поврзува со средновековен Прилеп, па Скопје, Подунавјето. Станува збор за една масовна луксузна продукција во чиј синџир и овој пункт има значајно место, вели Ристески.
Најбитно е дека базиликите, оние византиски, од 4 век се зачетоци на раното христијанство. На нивна основа подоцна никнал манастирски комплекс на рангот на Трескавец.
– Раната антика на овие простори е засведочена од првиот век од нашата ера, со суштински ремоделирања од 4 до 6 век од нашата ера. Манастирот функционира од 10, па сè до раниот 15 век. Битно е да се каже дека во доцноантичкиот период, од 4 до 6 век се констатирани манифестациите на христијанството. Со сведоштва за базиликата, се асоцира на религиски пункт од 5, па и 6 век. Тоа се поврзува со сакралниот комплекс „Свето преображение“ во Зрзе и со комплексот во селото Градешница каде има сознанија за ремоделирање на доцноантичка резиденцијална вила во христијански комплекс. Значи, за тие зачетоци на христијанството во Мариово и северна Пелагонија, еден од клучните пунктови е токму овде, кај селото Манастир, Мариово. Можби тоа е објаснувањето за значајниот религиски пункт од 9 до 14 век. Зошто манастирскиот живот прекинал во 14 и 15 век? Веројатно, тоа е време на продорот на Османлиската Империја, смета археологот Ристески.
Со овие податоци во голема мера се заокружија сознанијата за планиметријата на античката населба и просторната организација на средновековниот манастир, лоцирани непосредно над еден од јазолните комуникациски пунктови во овој дел од регионот на Мариово.
Годинашните истражувања на локалитетот Градок ќе значат и тридемензионално моделирање на акрополниот дел од населбата, простор на кој се концентрирани најголем дел од досега истражените градби, како и градби што останале сочувани на површината од населбата. Дополнително, ќе има топографско снимање на видливиот дел од фортификацијата. Со спојувањето на резултатите и од двете снимања ќе се продуцира досега најпрецизен тридимензионален модел за акрополниот дел од населбата. Целта е просторните односи во виртуелната средина да се конзистентни со реалноста. Со добиените податоци, кои ќе бидат геореференцирани според македонскиот координатен систем, ќе се постави сигурна основа за прецизно лоцирање и просторно мапирање на сите следни истражувања.
Мариовски Градок, според археолозите, е клучен пункт каде се прекршуваат главните комуникациски врски на југот и на северот на Балканот. Токму околу Градок со години се размислувањата да се подигне населба доколку се гради браната Чебрен во Мариово.
Денес најраселената одбласт во Европа крие тајни, или полека ги открива, за цивилизација пред речиси две илјади години. Значајна, клучна точка, која ги поврзувала северот и југот на балканските простори.