Европската инвестициска банка (ЕИБ) и групацијата ПроКредит се договорија за нова кредитна линија од 65 милиони евра за поддршка на малите и средни претпријатија (МСП) на Западен Балкан и за забрзување на нивното закрепнување од кризата со КОВИД-19, јави дописникот на МИА од Белград.

-Оваа трансакција го обезбедува неопходното финансирање за компаниите во Србија, Албанија, Македонија и Босна и Херцеговина и ги опфаќа нивните потреби за обртни средства, ликвидност и инвестиции во услови на тековната пандемија. Паралелно, операцијата го зајакнува регионалниот банкарски сектор и ја зајакнува неговата способност да го финансира економското закрепнување на Западен Балкан, се наведува во соопштението на Регионаната канцеларија на ЕИБ за Западен Балкан во Белград.

Заемот на ЕИБ ќе помогне во ублажувањето на економскиот шок предизвикан од пандемијата со КОВИД-19, поддршката на компаниите, задржувањето на работните места и во одржувањето на малите бизниси низ целиот регион.

Кредитната линија е дел од пакетот на Европската комисија за финансиска поддршка од 3,3 милијарди евра за Западен Балкан, од кои 1,7 милијарди евра од ЕИБ се наменети за поддршка на одржливо социјално и економско закрепнување во регионот.

Од Европската инвестициска банка потенцираат дека досега инвестирале 4,1 милијарди евра во секторот на мали и средни претпријатија на Западен Балкан, одржувајќи повеќе од половина милион работни места.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/12/2020 14:44