Народната банка и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) се со цврста определба за јакнење и унапредување на соработката меѓу двете институции, а за таа цел ќе се спроведуваат и заеднички проекти во сферата на економската наука. Корона-кризата уште еднаш потврдува дека токму истражувачката и аналитичката, односно научната активност ги дава клучните постулати врз чија основа треба да се донесуваат одлуките од носителите на политиките. Околностите наметнати од кризата во глобални рамки ја истакнуваат неопходноста од соработка и постојана комуникација меѓу носителите на политиките и носителите на научната активност.

Ова, како што соопшти Народната банка, е истакнато на работниот состанок на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, на кој учествуваа и академик Таки Фити и вицегувернерката Ана Митреска.

Соговорниците ја истакнаа заедничката определба дека непрекинатото следење на резултатите од постојаната истражувачка активност е предуслов за соодветно развивање на политиките, а со тоа и неопходност за остварување долгорочен напредок на економијата. Тоа е и дополнителен мотив за натамошно развивање на соработката меѓу двете институции, во актуелниот и во претстојниот период.

На состанокот се посочени прашањата на коишто се посветени истражувањата на тимот на Народната банка во изминатиот период, согласно со Програмата за истражувачка активност. Истовремено се разговараше и за проектите на МАНУ коишто се однесуваат на важни и актуелни економски прашања. Беа утврдени и економските прашања за коишто, во претстојниот период, особено по надминувањето на актуелните предизвици од корона-кризата, ќе има потреба од истражувачка активност и на двете институции, а особено преку меѓусебна соработка. Со тоа значително би се унапредиле и предусловите за донесување на одлуките од сите носители на политиките во економската сфера.

Гувернерката, Ангеловска-Бежоска и претседателот на МАНУ, академик Коцарев, искажаа заедничка решеност за спроведување низа заеднички активности на двете институции во полето на економските истражувања, со надеж дека успешната соработка ќе прерасне во традиција. За таа цел, на состанокот беше договорено наскоро да се склучи и меморандум за соработка, со којшто ќе бидат опфатени активностите што беа иницирани на состанокот. Преку низата натамошни заеднички активности, како што беше истакнато на состанокот, Народната банка и МАНУ со помош на научната мисла ќе придонесат за напредокот на македонската економија.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/12/2020 13:26