Како Здружение на банкарски клиенти ви се обраќаме во името на нашите членови. Имено, поради проблем со кој се соочуваат граѓаните, вклучително и членови на нашето здружение, кој не е третиран од страна на надлежните институции, чувствуваме потреба за преземање иницијатива за негова актуализација. Од таа причина се одлучивме да ви се обратиме Вам, медиумите како јавни гласила да ни помогнете во остварување на нашата цел, односно актуализација на прашањето за следниот проблем.
Во суштина, се работи за долгови кои Финансискиот кредитен центар БС им ги наплаќа на своите клиенти, а кои врз основа на сите законски прописи се одамна застарени. На тој начин Финансискиот кредитен центар БС од своите клиенти бара да исплатат долгови од кредити склучени пред повеќе од една деценија за кои досега не е покрената никаква постапка.
Дополнително при обраќање до Финансискиот кредитен центар БС, клиентите не добиваат никакви информации и конкретни објаснувања врз кој основ се води нивниот долг спрема Финансискиот кредитен центар БС, ниту пак добиваат известување за постоење на таков долг од страна на истиот, кој е исто така задолжен да ги извести за тоа. Воедно, после неколку телефонски и меил обраќања до сите инстанции во Финансискиот кредитен центар БС и надлежните институции, како од страна на здружението така и од самите членови, не се добива никаков одговор ниту пак решение на проблемот.
Во вакви тешки услови на пандемија кога лицата што се соочуваат со вакви проблеми живеат со намалени примања, правото за остварување на основните егзистенцијални потреби, не може да им се оствари. Затоа сметаме дека нивниот глас треба да се слушне, а не постои подобар начин за тој глас масовно да се прошири подобро одколку преку масовните медиуми. Неспорна е довербата во медиумите од широката јавност и тоа не прави да веруваме дека со ваша помош ќе успееме да допреме до ушите на сите оние кои можат да превземат нешто за граѓаните да можат да си ги остварат нивните права. Во очекување на успешна понатамошна соработка.
Здружение на банкарски клиенти – Ануитет