Агенцијата за странски инвестции и промоција на извозот денеска одржа работена средба на тема „Брендирање на текстилни компании во Република Македонија“ со извршната директорка на Текстилниот кластер, Наташа Сивевска и со повеќе претставници од реномирани текстилни компании кои развиваат сопствени брендови.
– Целта на средбата беше да се разменат мислења како да се додаде нова поголема вредност во текстилната индустрија и како да се освојуваат нови пазари, велат од Агенцијата за странски инвестции и промоција на извозот.
На средбата компаниите ги изнеле своите предизвици и дале предлози како и на кој начин дополнително Агенцијата би можела да се вклучи во постигнување на вака поставената цел заради зголемување на извозот.
– Нивните барања се насочени кон поголема финансиска поддршка, едукација и обуки за пласман на странскиот пазар од страна на државата. Главен заклучок на работната средба беше дека зголемувањето на вредноста може да се направи само со етаблирање на сопствени брендови, надминување на логистички предизвици, набавка на модерна опрема и организиран настап на странските пазари, велат од Агенцијата.
Оттаму потенцираат дека Агенцијата ги поддржува текстилните компании за учество на саеми во повеќе европски метрополи, како што е саемот Munich Fabric Start одржан минатата година, каде компаниите можеа да остварат соработка со светски реномирани брендови и да направат промоција на сопствените производи. Преку законот за финансиска поддршка и од страна на Агенцијата се поддржуваат компаниите во активностите за зголемување на сопствената конкурентност, воведување на нови технологии во производството, модернизирање на опремата, освојување на нови пазари.
– Развивањето на препознатлив бренд претставува тешка и напорна работа со големи вложувања и инвестиции, како и едукација, маркетинг, дизајн, логистика и дистрибуција. Поединечниот настап е исклучително тежок за овие компании, па во таа насока, Агенцијата е подготвена да излезе во пресрет на барањата на компаниите и да поддржи заеднички и организиран пристап преку учество на меѓународни саеми, едукациска и финансиска поддршка и редовни состаноци со Текстилниот кластер и компаниите членки на кластерот, истакнуваат од Агенцијата.