Двоецот ДНК годинава го слави своето полнолетство, па затоа оваа иако тешка година реши да ја заврши со песна, односно концерт кој заради пандемијата ќе се одржи онлајн.

Виртуелниот настан е закажан за во понеделник на 28 декември, а Панчо и Андреј со сите свои фанови, пријатели и драги луѓе ќе се дружат на официјалната Фејсбук ДНК страница.

- Драги наши пријатели, фанови и соработници. Сите знаеме дека оваа 2020 година општо беше претешка за сите нас, на сите полиња. Многумина изгубија свои најблиски, претрпеа огромни финансиски загуби, го изгубивме духот, дружбата, насмевката, позитивната мисла и што е најбитно заборавивме да пееме, да се дружиме и забавуваме. Но не се даваме!!! Како што сите знаете, оваа година ДНК слави полнолетство, односно 18 години постоење на македонската поп естрада. Имавме супер план, но со оглед на околностите бевме спречени да прославиме физички заедно со сите вас. Сепак, не се откажавме и по тој повод решивме да и се спротивставиме на оваа летаргична година, и во Новата 2021 да влеземе со песна и позитивна мисла како што тоа најдобро го знаеме со ДНК. За прв пат во Македонија заедно со нашиот бенд решивме да направиме еден предновогодишен виртуелен (стриминг) концерт кој ќе се одржи во понеделник, на 28.12 со почеток во 20 ч на официјалната фејсбук ДНК фан-страница. “Влезницата” која во ова тешко време за нас артистите воедно ќе биде и еден вид ваша поддршка/донација ќе чини симболични 300 денари со можност да “купите/донирате” повеќе, нормално секој во склоп со неговите можности, а секој преглед и купена карта/донација ќе биде наша мотивација за многу нови изненадувања во 2021 кои ги крчкавме по дома. Билетите за влезот/гејтот може да ги набавите исклучиво онлајн преку WWW.KARTI.COM.MK продажната мрежа и на тој начин да не поддржите на концертот и прославата на 18-годишното постоење на ДНК, велат Панчо и Андреј и додаваат: - Ве поздравуваме, премногу сме возбудени бидејќи прв пат ќе свириме по пауза од 10 месеци и однапред сме ви преблагодарни за вашата поддршка во овој тежок период за нас, а воедно и за сите овие 18 години. Ве очекуваме во огромен број, барем 10 пати повеќе од нашиот последниот саемски концерт и нормално интерактивно/виртуелно ќе се забавуваме и одговараме на вашите пораки. Ваши ДНК.

Не заборавајте понеделник 28 декември во 20 часот, да ја испратиме оваа тешка за сите нас година со песна и Новата да ја дочекаме со позитивна мисла и верба за подобри и посреќни времиња.

“Влезницата” ќе изнесува симболични 300 денари, а секој преглед и купена карта/донација ќе биде мотивација за многу нови изненадувања во 2021 кои момците во изминатиов период ги крчкаа по дома.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/12/2020 10:45