Ги охрабрувам компаниите слободно да не контактираат, да предлагаат што сметаат дека е неопходно за да се реализираат нови инвестиции. Ние како Агенција, заедно со општините и со сите органи во државата ќе направиме се што е можно за да се олеснат сите процеси за реализација на инвестициите. Ова денеска го соопшти директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Дејан Павлески, кој се обрати на промотивниот настан со општините и компаниите од Пелагонискиот плански регион.

Павлески потсети на можностите за општините и за компаниите и ги повика да ја посетат веб-страницата на Агенцијата, каде можат подетално да се информираат. Според него, ова е од исклучителна важност во следниот период бидејќи претстои период на закрепнување од здравствената и економската криза.

Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот посочи дека за реализација на браунфилд инвестиција потребно е да се таргетираат сите слободни капацитети кои лесно можат да се прилагодат за вршење на одредена дејност, најчесто производствена.

– Да ја искористите можноста што ја нуди нашиот веб-портал за браунфилд објекти и бесплатно да ги регистрирате сите слободни капацитети што постојат во рамки на вашите општини, рече Павлески. Со ваквиот вид на инвестиции, како што рече, се овозможува внес на нови технологии во земјата, запознавање со нови начини на работа за вработените во тие компании и воведување на нови практики, нови знаења и вештини како и имплементација на нови стандарди во работењето, што е особено важно за развојот на компаниите и на домашната економија вооопшто.

Тој укажа дека за гринфилд инвестиција потребно е општините да изнајдат локации за формирање на индустриски зони по примерот на индустриската зона Жабени во Битола.

-Со изградба и развој на нови индустриски зони и преку отварање на нови компании се ангажираат локални компании за изведувачи, се поттикнуваат нови вработувања, се влијае врз побарувачката на суровини и материјали и со целиот тој процес се поттикнува и развојот на економијата во која се реализира инвестицијата. Гринфилд и браунфилд-инвестициите се особено значајни и тие се еднакво атрактивни, како и во земјите во развој така и во развиените земји, бидејќи придобивките од нив се од голема полза како за компаниите така и за целокупната економија и нејзиниот развој, рече Павлески.

Агенцијата, како што нагласи, работи и на зајакнување на соработката и поврзување на македонските компании (локалните добавувачи) со странските компании кои се оперативни во земјата и за оваа цел имаме креирано веб-портал за локални добувачи. За остварување на промоција на македонските – извозно ориентирани компании Агенцијата има креирано и веб-портал за извоз, преку кој домашните компании ќе можат да ги презентираат своите производи и услуги и да оставруваат деловни контакти со потенцијални странски купувачи.

Градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски се обрати во име на градоначалниците од Пелагонискиот плански регион. Посочи дека Пелагонискиот регион е најголем по површина, а трет по население во нашата држава. Нагласи дека има во него има земјоделско, индустриско производство и трговија. Според него, важно е да се размислува во насока на изнаоѓање нови можности за поддршка на локалните бизниси, сериозни активности од страна на државните институции и општините преку создавање неопходни предуслови за привлекување на странски и домашни инвестиции.

-Ако имаме направено добра локална стратегија, веднаш сме еден чекор напред за да можете вие како Влада или Агенција за странски инвестиции да бидете поблиску до нас, рече Јованоски.

Промотивниот настан за искористување на инвестицискиот и извозниот потенцијал во Пелагонискиот плански регион е првиот од серијата настани кои се планираат и со останатите плански региони во земјата.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/12/2020 15:22