Аналитика тинк-тенк денеска преку платформата Zoom ќе ги презентира резултатите од регионалното истражување на тема „Потрошувачка на тутун и тутунски производи во Македонија, пушачките навики на граѓаните и даночната евазија во трговијата со тутун во Македонија“.
Како што најавија од Аналитика, ќе се презентираат податоците од првото спроведено истражување за употреба на тутун во земјата и регионот и ќе се дадат препораки за креаторите на политики за усвојување на поефикасни политики за контрола на тутунот.
Во соопштението од Аналитика се наведува дека се работи за една од првите студии во Северна Македонија што дава сеопфатни информации и проценки за употребата на тутун, а е дел од меѓународниот научно-истражувачки проект „Унапредување на даночни политики за тутун во земјите со низок и среден доход” финансиран од Универзитетот Илиноис во Чикаго (UIC) и Bloomberg Philanthropies.
– Република Македонија е меѓу првите десет земји во светот со највисока стапка на пушење, а истражувањето покажува дека има најниска цена на цигари во регионот. Овие и други релевантни наоди ќе бидат презентирани од страна на истражувачкиот тим на Аналитика, стои во соопштението.